Во одлична натпреварувачка атмосфера, со максимален број екипи помина осмиот Паб квиз што се одржа во ирскиот паб „Гинис“ во Кочани. И овој пат најдобри беа членовите на екипата „Социјални отпадоци“ кои ја постигнаа својата четврта победа.
Според учесниците на натпреварот во знаење имаше нешто потешки сетови прашања во споредба со претходните квизови, а на крајот во т.н. тај брејк се одлучуваше за пласманот на најдобрите три екипи.

-Честитки за „Социјални отпадоци“ кои ја освоија наградата, секоја чест, секогаш е за малку, но тоа е тоа. Исто така, честитки за „Забрањено пушење“ за второто место, а третото место е за екипата на „Мобилност“, конечно, истакна Јован Шоповски од организацискиот одбор на Паб квиз – Кочани.
Членовите на победничката екипа се задоволни од досегашните успеси и најавија понатамошно учество на Паб квизот, во Кочани, а подготвени се и за натпревар по знаење во пошироки рамки, односно ако се оформи Македонска Паб квиз лига.

-Победници сме три пати во низа, а четири пати вкупно. Тајната на успехот е само желбата за добра забава и дружењето, да ги најдеш пријателите кои имаат многу знаења од различни области, како и да дојдеш во добар кафе бар, да разменуваш знаења. Не се подготвуваме нешто специјално, посебно, ама со тек на годините, преку дружба со секакви луѓе имаме стекнато доволно знаење за да се натпреваруваме на секое поле, истакна Анастасија Анастасова, членка на екипата „Социјални отпадоци“.

На натпреварот во знаење имаше и гости од Штип и Пробиштип, кои покажаа солидни знаења и подготвеност да започнат вакви квизови во своите градови.
И на осмиот Паб квиз – Кочани имаше награди за најдобрите што ги обезбедија спонзорите – ирски паб „Гинис“, Lumière, бутик “Фешн Ива” и Beauty Salon Face Fantasy.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






