Членови на Литературниот клуб „Копнеж“ при библиотеката „Искра“, попладнево во Паркот на Револуцијата презентираа дел од своите литературни творби. Тие за прв пат излегуваат од своите простории и ги посетуваат местата каде вообичаено се собираат граѓаните од Кочани.
На настанот учествуваа 17 поети со свои песни и четири афористичари.
-Целта на нашето излегување е да се појавиме пред нашите сограѓани, со нашата презентација да ги поттикнеме љубителите на пишаниот збор да се приклучат во Литературниот клуб, и своите напишани песни и творби да ги презентираат пред јавноста. Со пишувањето на такви творби тие внесуваат дел од својата душа преку своите желби, копнежи, емоции и фантазирања. Литературната творба, ако не ја доживее својата светлина на денот, не е творба, таа е вистинита само кога ќе го доживее аплаузот од публиката, истакна Раче Мицов, претседател на Литературниот клуб „Копнеж“.
Заинтересираност кај помладите лица постои, но поради фактот што веќе почна летниот распуст, не беа присутни во поголем број на настанот.
Во Литературниот клуб „Копнеж“ членуваат лица со афинитет за пишување во сите литературни жанрови, а членовите се од различни возрасни групи. Тие се активни учесници на многу литературни настани во општината и надвор од неа.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.