Нова шампионска титула освои кикбоксерот Лука Змејкоски од кикбокс клубот „Лидер“ од Виница. На ВАКО Европскиот куп „Гран при Сараево 2025“ што се одржа од 3 до 6 април, тој ги совлада своите противници и заслужено се најде на победничкиот пиедестал.
Во категоријата лоу кик апсолутна +81 кг. во полуфиналната борба тој беше подобар од противникот од Босна и Херцеговина, а во финалниот меч против претставникот од Молдавија, Змејкоски беше убедливо понадмоќен и забележа победа, со што го задржува првото место на светската ВАКО кикбокс листа.

-Оваа титула ја посветувам на моите другари и другарки кои загинаа во пожарот во Кочани. Лесна ви земја ангели, напиша Змејкоски на својот фејсбук профил.
На Европскиот кикбокс куп во Сараево учествуваа над 800 натпреварувачи од 180 клубови од 20 земји.

Паралелно со натпреварите во сениорска конкуренција, се одржаа и натпревари во рамки на Купот за деца и помлади кадети „Сараево Гран при опен куп 2025” на кој настапија 14 кикбоксери од седум македонски клубови. На младинскиот Куп учествуваа околу 200 натпреварувачи од девет земји од регионот.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.