Шаховскиот велемајстор, тренер и селектор на македонската шаховска репрезентација, Трајко Недев одигра симултанка со членовите на шаховскиот клуб „Кочани“. Иако имаше пријавено петнаесетина шахисти кои го прифатија предизвикот да ги одмерат знаењата, симултанката се одигра на 12 табли со играчи од различна возраст.
Натпреварот беше една од првите активности на кочанскиот шаховски клуб, кој од неодамна има ново раководство и обновени простории во Трговскиот центар. Велемајсторот Недев изрази задоволство од гостувањето во Кочани и ги пофали заложбите на клубот за промоција на шахот, со надеж дека тоа ќе привлече и млади вљубеници во играта.
-На овој клуб, старо-нов, не викам дека е нов, затоа што во Кочани отсекогаш имало традиција со шахисти и активен клуб, му посакувам успеси во понатамошните настапи, и во поединечна и во екипна конкуренција. Со тоа ќе продолжи негувањето на постигнувањата на познатите шаховски имиња од овој град, истакна Недев.
Симултанката се играше околу два часа, а велемјасторот Недев ја доби со 11 победи и едно реми. Токму младата и талентирана шахистка Јована Давиткова ги покажа своите знаења и успеа да изнуди нерешен резултат.
Од шаховскиот клуб „Кочани“ најавија дека ова е само почеток на активностите што ќе се реализираат во наредниот период, при што планинарни се нови натпревари, како и оформување екипа што ќе се натпреварува во македонската шаховска лига.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.