И вработените во Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување – Кочани се приклучија на штрајкот што се спроведува на државно ниво. Ги извршуваат само неопходните работни задачи за пријавување малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. За прием на документи пак, работи само еден од вработените во Кочани.
Штрајкуваат поради препораката на Владата да им се намалат платите за 21 отсто, а на прес-конференција од Синдикатот на УПОЗ беше истакнато дека ФЗО е институција со најголем буџет во државата. Нагласија и дека ќе има доволно средства да продолжат со исплаќање на платите кои беа договорени минатат година. Рецептите и упатите се издаваат, но нема да има исплати за надомест за породилно и за исплата на боледување.

-Револтот кај вработените е огромен. Не бараме ништо, бараме само да ни останат платите во висина како што беа во месец декември. Апелираме до Владата на утрешната седница да стави точка на дневен ред и да го разгледа нашето барање за што веќе испративме допис до техничкиот премиер Талат Џафери. Бараме да донесат нов заклучок со препорака вредноста на бодот од 77,16 денари да остане иста до крајот на оваа година, истака Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Ако не се прифати единственото барање на Синдикатот, штрајкот ќе продолжи и ќе стане поригорозен.
-Доколку се намалат платите, штрајкот продолжува. Мене ми е жал што власта нема слух. Овој штрајк е по вина на власта и најтажно од се е што страдаат граѓаните. Страдаат оние на кои најмногу им треба буџетот од Фондот за здравство. Доколку власта не се вразуми, штрајкот само ќе продолжи и ќе стане поригорозен, додава Деаноски.

Според синдикалците, со одлуката за намалување на платите ќе бидат засегнати 831 вработен во ФЗО, а ако дојде до намалување на платите, тогаш 25 отсто од вработените ќе добиваат плата под минималната, а 25 отсто колку минималната плата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.