ВМРО – ДПМНЕ попладнево во Кочани ја одржа првата јавна дебата во рамки на караванот „Важно е, од тебе зависат промените“ што партијата во наредниот период ќе го реализира низ грaдовите во државата.
Под мотото „И Европа и Македонија, за интеграција и идентитет“ на дебатата говореше пратеничката Гордана Силјановска Давкова, при што се осврна на актуелната политичка ситуација, односно за менувањето на уставот и европскиот пат на држвата.
-Намерно ќе земам два примери околу честотата на уставните измени. Замислете Уставот на САД е донесен во 1787 година и досега доживеал 27 амандмани. Инаку Уставот на САД има само седум члена. А, ние за 30 години имаме 36 амандмани и сега предложија уште 3 амандмани. Немало во историјата Устав кој што уште само што бил донесен, нашиот Устав уште во 1992 година ја доживеа првата измена и тоа повторно на барање однадвор. Што беше образложението? Дека ако напишеме во Уставот дека немаме територијални претензии кон соседите, нема да имаме проблем, и тоа го побара Бадентеровата комисија, истакна Силјановска Давкова.
Пратеничката нагласи дека никој не ја овластил власта да менува Устав и за тоа треба да се праша народот. Посочи дека ако се прочитаат фундаменталните документи на кои се темели ЕУ ќе се забележи дека она што е најважно во нив не се организационата структура и нормите, туку темелните вредности и принципи.
-Не може вие да правите пазар без мандат, без легитимитет, со нешто што припаѓа само и само на народот. А, тоа го прават овие луѓе од власта. Ние само бараме тоа што е втемелено да важи и за нас, нагласи Силјановска Давкова.
На трибината во Кочани зборуваше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Тимчо Муцунски кој нагласи дека Владата на СДСМ и ДУИ не го заштитува националниот интерес на Македонија, туку води попустлива надворешна политика на принципот сè што ќе им побараат, да го удоволат.
Обраќајки се на трибината, универзитетскиот професор Александар Спасеновски истакна дека реалноста во која што живееме зборува за уникатната ситуација во која што се наоѓа државата, од која се се бара да исполни одредени критериуми и обврски кои што претходно не биле побарани од другите земји членки на ЕУ.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.