Јавна трибина организираше Општина Кочани по иницијативата на Здружението „16 март 2025 – Кочани“ за определување локација за изградба на спомен-обележје на жртвите од трагичниот пожар во клубот „Пулс“.
На трибината што се одржа во салата на Мултикултурниот центар, а на која покрај семејствата на настраданите, присуствуваа и претставници од општинската администрација, членови на Советот на Општината и граѓани, беше речено дека бараната локација се наоѓа во централното градско подрачје, на местото Стар парк. Притоа, беше нагласено дека се работи за законска процедура што Локалната самоуправа е задолжена да ја спроведе затоа што се работи за определување јавен простор што ќе биде наменет за уредување на спомен-обележјето.

-Се работи за катастарска парцела 12179, која се наоѓа помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“, истата се наоѓа во Градска четврт 4 од Генералниот урбанистички план за град Кочани, а со важечката планска документација таму планот се вика Измена и дополна на Детален урбанистички план за град Кочани, кој е од 1998 година. Катастарската парцела е со големина од 1.523 метри квадратни, истата е во сопственост на Република Македонија. Површината која е наменета за зеленило е отприлика околу 760 метри квадратни и интервенцијата е предвидена во тој простор. Од постоечкиот објект кој се наоѓа таму, интервенцијата е предвидена да биде оддалечена 12 метри, истакна Кирил Алексиев од општинската администрација.
Пред почетокот на расправата беше нагласено дека граѓаните имале можност и на електронска анкета, преку алатката мЗаедница на веб страницата на Општината да го искажат својот став за иницијативата. На прашањето за иницијативата на Здружението одговориле 260 граѓани, од кои 82 отсто се изјасниле позитивно, а 18 отсто биле против. Трибината беше можност за дополнително изјаснување и на граѓаните и на претставниците од Здружението, како и за присутните членови на Советот.

-Зеленилото на паркот се зачувува, дрвјата даваат сенка, нема огради, просторот е отворен за сите. Ова е место каде родител може да седне во тишина, дете може да праша, граѓанин може да се поклони. Кога ќе го напушти просторот не заминува со тежина, туку совест, почит и тивка обврска да не се заборави. Ова не е споменик што се гледа, ова е споменик што се чувствува, истакна Александар Наунов, претседател на Здружението „16 март 2025 – Кочани“.
-Јас сум Јорданчо Пановски, живеам во старата зграда каде што е Стариот парк. Мое мислење е, нека се направи споменик, само дали ќе се гарантира дека таму нема да се злоупотребува како градско веце, како што сега е фонтаната таму во тој дел. Се извинувам ако некого сум повредил со овие мои зборови, примете го моето сочувство.
Членови на семејствата на загинатите во трагедијата го поставија прашањето зошто било оставено иницијативата за спомен-обележје да биде по нивно барање, односно дали Општина Кочани не требало сама да ја почне постапката, како што тоа го направиле општините Струмица, Штип и Пробиштип, каде веќе има или се градат споменици.
-Ја видовме поддршката од нашите сограѓани, дека немаме никаква поддршка. Повторна виктимизација на нас родителите, повторно убивање. Да молиме ние, родителите, за спомен-обележје на насилно убиените наши деца. Нашите деца заслужуваат во центарот, во срцето на градот да имаат спомен обележје. На кој му пречи тоа не знам, нека се изјасни тој на кој му пречи, рече Верица Трифунова, чија ќерка настрада во пожарот.

-Тоа место нема да биде за оплакување, како што пишуваат во коментарите. Ќе биде место за оддавање почит. Зеленилото ќе се задржи, ќе гледаме колку што може поминимално да има патека, дури и слики на децата нема да ставиме за да не биде: „сакате цел град да го направите гробница“. Значи, сѐ што лошо се случува во овој град го припишуваат на нас родителите, дека сме виновни за сѐ, дека градот го направивме гробница. Секоја чест на Општината, на градоначалникот, Советот и сите останати и сите останати што ја понесовте јавната дебата, но од неа не зависи одлуката. Крајната одлука зависи од Советот, рече Марија Петрушова, чиј син настрада во „Пулс“.
-Го поздравувам овој форумски начин, само се плашам да не е одлуката донесена однапред, но мислам дека не е. Сакам да дадам скромен придонес во ова што значи убава, соодветна разрешница после овој трагичен настан, рече Ванчо Богоев.
-Како може Советот на Општина Струмица едногласно да донесе одлука да се прави споменик за сите 63 ангели во централниот дел во Струмица, едногласно, сите кренаа рака – така може и тука. Нема тој или оној. Во Струмица во строгиот центар ќе се прави биста на моето дете и ќе има 63 ѕвезди, за сите ангели. Така што Општина Кочани не треба за некои пет – десет души, кога на вас ви отиде цела генерација, ние на народот не можеме да му ја затвориме устата, рече таткото на починатиот музичар од Струмица.
-Местото одговара затоа што нема да одам на гробиштата, во Штип, Пробиштип, во Скопје и не знам каде. Ќе дојдам тука, ако ми е тешко ќе се исплачам и ќе се исполнам, рече граѓанин кој присуствуваше на трибината.

-Да мислиме дека барањето веќе е одобрено, дали ќе бидете со нас до 16 март, до едната година да ни помогнете да се изгради спомен-обележјето, праша Габриела Наунова, мајка на настраданата Надица.
Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека Здружението ќе добие поддршка за иницијативата откако Советот на Општината ќе се изјасни.
-Веднаш после одлуката на Советот на Општина Кочани, максимално експресно ќе биде спроведена документацијата што ви е потребна, максимално експресно, рече Грозданов.
-Јас како претседател на Советот и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја дадеме максималната поддршка за изградба на спомен-обележјето што е предвидено во Паркот. Тоа ќе го направиме уште на првата седница, на првата координација и ќе биде поддржано, истакна Александар Андов, претседател на Советот.

-Другите независни сме зад вас – споменик ќе има. Дали до 16 март ќе го има зависи од тоа како ќе се организираме сега ние како Совет и како извршна власт, колку ќе бидеме моќни да го изменаџираме тоа кај Владата и треба да си побараме под итно, ако имате амбиции и желба да биде до овој 16 март, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, член на Советот на Општината.
-Да немате никави недоумици, ќе имате поддршка отворена од сите нас за вашето барање од Советот да биде изгласано, бидејќи тоа е нешто што најмалку можеме да направиме за вас. Должни сме кон вашите деца, не смееме да ги заборавиме, а потоа кон вас родителите, рече Сашко Иванов, член на Советот на Општина Кочани.
По завршувањето на дискусиите од присутните, беше речено дека заклучоците од трибината ќе бидат доставени до Советот на Општината, по што ќе следат натамошни активности околу иницијативата за изградба на спомен-обележјето за настраданите во „Пулс“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






