По повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Кочани, Советот на Општината одржа свечена седница на која беше доделена наградата за Животно дело што годинава му припадна на Јордан Георгиев, истакнат спортски работник.
Образложение на одлуката за доделување на наградата даде претседателката на Општинскиот одбор, Кристина Атанасова Арсова.
-Достигнувањата и резултатите на Георгиев во спортот се големи, а неговите почетоци во борењето се уште од 1960 година. Наредната година бил младински шампион на Југославија, а помеѓу нив се издвојуваат и златниот и бронзен медала од учеството во припремите на Југославија на Олимписките игри во Токио. Во 1966 бил државен шампион на Југославија во категоријата сениори, исто така бил и тренер на БК „Спартак“, меѓународен судија во борење, прв од Кочани, а десетти во Македонија, истакна Арсова.
Признанието за Значајни остварувања за развојот на Општината ја доби Литературниот клуб „Копнеж“, кој работи во рамки на библиотеката „Искра“.
-Литературниот клуб „Копнеж“ е формиран во 1964 година и оваа година одбележува 60 години од неговото активно и културно делување. Со својата работа тој преставува столб на културното работење, негување и афирмирање на општината на државно и меѓународно ниво, додаде Арсова.
На свечената седница обраќање имаше и градоначалникот Љупчо Папазов, кој даде отчет за сработените проекти во изминатиот период.
Во рамки на културно-забавната програма, настап имаа учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“ кои се претставија со традиционални македонски песни.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.