Изградбата на покриениот пазар во Виница треба да продолжи во првото полугодие од оваа година, откако во завршна фаза се измените на основниот проект според кој требаше да се гради објектот. Од проектантите беше побарано да се задржат содржините во првичниот план, но да се исфрли едно ниво и да се измени покривната конструкција, со што изградбата би била поевтина, а функционалноста би останала иста.
Градежните работи се одвиваа со бавна динамика, односно беа прекинати пред околу дваесетина месеци. Во меѓувреме Локалната самоуправа на Виница го раскина договорот со изведувачот и ја активираше банкарската гаранција во вредност од 1,45 милиони денари, што претставуваше 5% од вредноста на проектот, што изнесуваше околу 30 милиони денари.
Според градоначалникот Миле Петков, градежните работи ќе продолжат откако ќе биде избран нов изведувач.
-Пресметката за пазарот е готова, измената на проектот е во завршна фаза, има и видео презентација, а очекуваме да биде комплетирана и доставена и во печатена форма. Со тоа ќе можеме да почнеме постапка за измени во тек на градба на документацијата, за да распишеме јавна набавка. Значи, пазарот ќе се гради, истакна градоначалникот Петков.
Процентот на досегашна реализација на покриениoт пазар во Виница е под 20 отсто, што е многу малку за период од над две години. Според првичниот технички проект во затворениот дел на објектот се планирани дуќани за продажба на овошје, зеленчук, млечни и месни производи, додека на отворениот дел ќе се постават тезги за продажба на секаков вид производи.
Пазарот ќе обезбеди оптимална функционалност, со примена на потребните стандарди за ваков вид комерцијални објекти. Притоа се води грижа и за сите придружни потреби на граѓаните, како што е пријателски пристап за лицата со посебни потреби.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.