Со Програмата за изградба и одржување на општински патишта и улици за 2018 година беа предвидени 29 милиони и 700 илјади денари. Дел од средствата, конкретно за улицата “Стамен Манов“ се обезбедени преку програмата за Декада на Ромите.
– Моментално се наоѓаме на едниот крак што е со должина од 185 метри и широчина од 4 метри, а вредноста на оваа инвестиција е околу 1 милион денари. Другиот крак е исто така од улицата “Стамен Манов“ со должина од 135 метри, а вредноста на таа инвестиција е 975 илјади денари. Со самото ова на граѓаните на овие две улици ќе им се овозможи подобар пристап, а средствата се обезбедени од Декадата на Ромите, рече Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Кочани.
Од Општината истакнуваат дека е направена заштеда на средства, односно постигнати се пониски цени по реализираните јавни набавки за асфалтирање на улиците „Вера Которка“ – крак 2, 3 и 5, „Карпошово востание“, „АСНОМ“, „Скопска“, „Петар Синадинов“ и „555“ во Прокарка и „Стамен Манов“ во Ромското Маало.
Според градоначалникот Илијев, поевтината изградба на овие сообраќајници ќе овозможи остатокот од средствата да се наменат за други улици.
– Ние успеавме во јавните набавки да заштедиме 6 милиони денари, средства кои веднаш денеска, на координација, се надеваме до крајот на неделата и на седница на Советот тие ќе бидат пренаменети. Веќе се договоривме дека ќе изградиме уште една улица во индустриската зона, значи новопроектирана улица која е во должина од нешто повеќе од 200 метри, исто така уште една улица ќе работиме во Усова Чешма, а дел од средствата, односно точно 1 милион денари ќе издвоиме за изведба, односно за проектирање на нови улици. Навистина на нас ни се потребни проекти што ќе чекаат на средства и мислам дека тоа е една правилна одлука, бидејќи доколку има средства, а немаме проекти тогаш не ќе можеме да ги реализираме. Нашата намера е се што имаме од улица, да ја проектираме, да имаме готов проект и понатаму да бараме средства за решавање на истите проблеми, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Градоначалникот Илијев додаде дека во претстојниот период ќе се асфалтираат улици и во селата Горни Подлог, Долни Подлог, Прибачево, Грдовци, крак на улицата „Маршал Тито“ во селото Мојанци и во Тркање, а ќе се работи и на пробивање и тампонирање на улици како подготовка за асфалтирање. Имајќи ги предвид состојбите со повеќе неодамна асфалтирани улици и потребите од поправки, тој истакна дека посебно внимание ќе се бара од надзорот на градежните работи.
Т. Ајтовски
{fshare}
https://www.youtube.com/watch?v=dTOfUDwrMf4
{backbutton}
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.