До крајот на годината во Виница ќе започне изградбата на социјална зграда за лицата од ранливите категории. Објектот е влезен во годишната програма на Министерството за транспорт и врски за финансирање на вакви објекти, а според техничката документација становите ќе бидат со површина од 35 до 45 метри квадратни.
Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, по средбата со министерот Горан Сугарески, рече дека се обезбедени сите услови за непречена изградба на објектот.
-Веќе е определена локацијата на социјалната зграда во близина на комуналното претпријатие „Солидарност“. Исто така, Општината обезбеди градежна маркица и парцела до која има улица и друга комунална ионфраструктура, со што се создадени сите услови за градење, рече градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Се очекува до крајот на годината или почетокот на следната година оваа станбена зграда да биде изградена и најзагрозените социјални случаи во во општина Виница ќе бидат сместени токму во таа зграда, додаде Димитров.
Социјалните станови што ќе можат да се користат по цена од 15 денари за метар квадратен, а во министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика треба да се усогласат критериумите според кои ќе се прави распределбата на становите.
Освен во Виница, социјални згради треба да добијат Свети Николе и Пехчево со по 34 стана, Пробиштип со 48 стана, а околу уште 300 ќе се градат во Скопје.
Инаку, веќе се завршени новата зграда со 43 социјални станови во Кочани и наскоро ќе биде објавен повик за нивна распределба.
Т. Ајтовски
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.