Фирмата изведувач која е задолжена за затворање на депониите од проектот Регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион, од понеделник, 19 август, ќе ги почне првичните активности за затворање на депонијата во Кочани, информираа од Општината.
Тоа било договорено на состанокот што градоначалникот Љупчо Папазов во средата го остварил со заменик-министерката за животна средина, Ане Лашкоска, со претставниците задолжени за реализација на Проектот од Министерството за животна средина и Министерството за финансии, како и со избраните изведувачи за затворање на непрописните депонии.
На состанокот му претходела интензивна комуникација проследена и со официјални дописи од Општина Кочани, во кои од органите на централната власт била барана техничка и финансиска поддршка во решавањето на состојбата со депонијата кај селото Бели.

Од Општината додаваат дека граѓаните на Кочани се соочиле со неповолна состојба и несакани ефекти од депонијата откако беа затворени депониите во Виница, Зрновци и во Чешиново-Облешево, поради што за 50 отсто се зголемиле количините од отпад на ѓубриштето во Кочани.
На честите опожарувања на депонијата во изминатиот период реагирале КЈП „Водовод“, ТППЕ и ДПД – Кочани кои интервенирале со механизација и формирање заштитен појас за спречување на ширењето на пожарот од ѓубриштето кон соседните површини.
Во писмената информација од Општина Кочани се наведува и дека во КЈП „Водовод“ тече постапка за набавка на алги за еколошки третман на отпадот.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.