Општина Зрновци ќе реализира иницијатива за подобрување на прегледноста на сообраќајниот влез во Зрновци со што ќе обезбеди поголема безбедност за граѓаните и учесниците во сообраќајот.
Вниманието е насочено кон проширување на просторот околу постојната кривина во близина на крстосницата со улицата што води кон детската градинка. Ова место е позната црна сообраќајна точка и неопходно е соодветно решение за нејзино отстранување.
Со оглед што во околината има земјиште во приватна сопственост, Општината остварила контакт со сопствениците и тие се согласиле да преотстапат еден дел, без да бараат надоместок. Обврска на локалната самоуправа ќе биде да изгради нови оградни ѕидови наместо постојните што ќе бидат отстранети со градежнбите работи.
-Тие како сопственици на парцелите, без да водиме никакви постапки преку Јавното правобранителство, треба да се повлечат на доброволна основа и тоа земјиште да го отстапат. Таа кривина, кадешто се изгубија и млади животи, конечно да ѝ ставиме крај, таа е ризична и за пешаците. Овде имаме и детска градинка и детско игралиште, со градежниот инспектор направивме некои пресметки, од постоечкиот ѕид, во внатрешниот дел, треба од еден ипол до 2 метра да се повлечат, и да се отстрани кривината. Со тоа ќе може да се почне со постапка за тендерирање на проектот за изградба на тротоар од влезот на селото. Тој трошок, што ќе го предизвикаме со рушењето на нивните ѕидови, Општината ќе има обврска пак да ги изгради како што биле или во таа финансиска рамка, по желба на сопственикот да се постави таа ограда, истакна Борчо Коцев, градоначачник на Зрновци.
Со дел од сопствениците на парцелите кои се во Зрновци веќе е разговарано, а со оние кои времено се во странство ќе се оствари контакт наскоро. Со тоа ќе може да се реализира иницијативата на терен.
Во рамки на подобрувањето на прегледноста на улиците и безбедноста во сообраќајот, Општината во наредниот период ќе го реализира проектот со кој ќе се изгради нов тротоар од влезот на Зрновци до излезот кон Мородвис, а за што ќе се инвестираат 5,5 милиони денари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.