Локалната самоуправа на Кочани ги продолжува планираните активности за уредување и изградба на сообраќајната инфраструктура во населените места, во чии рамки е најавена и реконструција на делови од две улици во населбата Оризари. За оваа намена се ппанира да се инвестираат близу 15 милион денари, обезбедени од општинскиот буџет.
Веќе е објавен јавниот повик за избор на изведувач на градежните работи со кои ќе се реконструираат делови од улиците „Никола Карев“ и „Кеј на Револуцијата“, во вкупна должина од над 560 метри. Станува збор за двете сообраќајници покрај коритото на реката Масалница во урбанизираниот дел на Оризари, со што ќе се комплетираат кејските улици.
Во техничката спецификација се бара изведувачот да изврши нивелирање со коловозот на 10 постоечки шахти за канализација, да изврши ископ на дел од земјата и да нанесе тампонски слоеви со соодветна дебелина за коловоз и за тротоарска површина. Под коловозот треба да се постави и армирана бетонска цевка од 10 метри и пречник од 80 сантиметри, како и да се изработи канал за полиетиленска цевка долга 24 метри за одведување на атмосферските води. Дополнително, треба да се вградат рабници и да се поплочат тротоари со павер елементи, а на крајот улиците да се комплетираат со асфалтен слој со дебелина од 7 сантиметри.
Рокот за пријавување на заинтересираните изведувачи по објавениот јавен повик е до 24 јули, а по изборот на најповолната понуда и потпишувањето на договорот, реконструкцијата на двете улици во Оризари треба да заврши во рок од 4 месеци.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.