ОУ „Раде Кратовче“ доби јапонски грант во вредност од 70 илјади евра за реконструкција на покривот. Договорот за користење на средствата беше потпишан минататa недела во Скопје, а присуствуваа претставници од училиштето и од Општина Кочани.
До јапонската амбасада имало поголем број аплицирани проекти, а директорот на училиштето Глигор Гацовски истакна дека оттаму ја препознале потребата за реконструкција за да се обезбедат подобри услови за квалитетно образование, како и за безбедноста на учениците и вработените.
– Откако е изградено училиштето во 1936 година, покривот бил реконструиран само еднаш во далечната 1980 година. По скоро 45 години кровната конструкција е во многу лоша состојба, а вработените и учениците изразуваат сериозна загриженост за можноста тој да се распадне. Покривот е направен од стара дрвена градба, која е со површина од 785 квадратни метри. Нема хидроизолација, а таванот е граден со трски. Сите овие стари и истрошени материјали предизвикуваат протекување на водата во кровот. Втората директна закана е што водата истекува близу до електричната инсталација, што е потенцијална закана за пожар. Ова се главните прични поради кои имавме апликација до јапонската амбасада. Самиот процес го водеа двајца вработени од училиштето, односно Драган Трајчев и Ана Симонова, истакна Глигор Гацовски, директор на ОУ „Раде Кратовче“.
Градежните работи за реконструкција на покривот ќе почнат по завршувањето на учебната година, односно по 17 јуни. Гацовски нагласи дека повеќе од 450 ученици од следната учебна година ќе имаат подобри безбедносни стандарди.
Проектот е во рамки на GGP – Програма за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност на Амбасадата на Јапонија .
Освен ОУ „Раде Кратовче“, јапонска помош ќе добијат и други институции во државата, а вкупната вредност за сите проекти што ќе се реализираат со грантовите е 300 илјади евра.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.