Ниту високите дневни температури и силното сонце не ги спречија членовите на Здружението „16 март 2025 – Кочани“ денеска да го организираат 16. „Марш за ангелите“, во барањето правда за своите починати деца во трагичниот пожар во „Пулс“.
На вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар, а оттаму кон зградата на Локалната самоуправа учесниците во маршот рекоа дека достоинствено остануваат на своите ставови да се изборат за правда за сите настрадани, без разлика дали се починати, повредени или пак ја преживеале трагедијата, но со психички трауми од она што го виделе кобната ноќ на 16 март.
Сеќавајќи се на трагичниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, пред општинската зграда во Кочани им беше оддадена почит на жртвите од тогашната стихија, со барање солидарноста од пред повеќе децении да се пренесе и за трагедијата од пред неколку месеци.

-Денес оддаваме почит и се сеќаваме на жртвите во земјотресот, но истовремено се сеќаваме и на храброста на сите оние кои помогнаа во хаосот и руините да се роди едно ново урбано и модерно Скопје. 26 јули засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Скопје, на Македонија, на Југославија како потсетник дека имаме обврска и ние идните генерации да ја негуваме љубовта кон градот, кон државата и никогаш да не заборавиме да не ги заборавиме жртвите од земјотресот. Да продолжиме да ја градиме нашата држава и нашето општество врз вредностите што не обединија тогаш и кои треба да не обединуваат и во иднина солидарноста човечноста и заедништвото. Но, пред 4 месеци се случи најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, пожарот во кој поради затајување на институциите 62 деца беа пеплосани и над 200 повредени со трајни физички психички последици и уште 300 деца кои не се спомнуваат, а кои беа таму таа вечер за среќа без физички повреди, но ќе останат трајно со траума и ужасот од таа кобна ноќ 16.03.2025 година. Таа ноќ ќе ги следи цел живот, таа ноќ ќе го следи Кочани засекогаш. Трагедија која наместо да нѐ сплоти и обедини сите за во иднина за да не се повтори никогаш, таа ни донесе уште дополнителни удари од општествената структура во која живееме, политизирање, апатија, презир од одредени поединци, а зошто? Затоа што парите моќта и добрата функција им се побитни од иднината на идните генерации. Едно ќе ве прашам: родители кои го продадовте споменот на своето дете и борбата за правда за ситни пари и подобра работна функција, каде ќе ви оди душата? Во пеколот, да знаете, а таму не се вашите деца и никогаш нема да ги видите, истакна Марија Петрушова, мајка на починато дете во „Пулс“.

Продолжувајќи по вообичаената рута, учесниците на маршот стигнаа пред Полициската станица во Кочани каде беше направена кратка пауза. Притоа беше упатено прашање до Обвинителството за гонеење организиран криминал.
-Сакаме да ги прашаме до каде е постапката на ОЈО ГОК или чекаат одмори, за да си ги одведат нивните деца на одмор на вода, а ние на нашите деца врз гробовите да им фрламе вода за да ги освежиме. Блазе си им, нека им служи на чест, оти само развлекуваат, нивните деца пак ќе бидат на одмори, а нашите ќе гнијат во гробовите и ќе ги полеваме. Сите полицајци шетаат на слобода, со исклучок на некои, не за сите, не важи за сите, значи има и паметни и културни и педантни, ама тие се неколку души и ги омаловажуваат и ги срамуваат, истакна Васка Стојанова, мајка на починато дете во „Пулс“.
Пред Основното обвинителство и Основниот суд во Кочани родителите кои редовно учествуваат на „Маршот за ангелите“ упатија прашања до оние кои не им се придружуваат во барањата, каква порака ќе им пренесат на своите деца.

-Која морална, хумана лекција ќе им ја пренесете? Каде на пиедесталот ќе им ја сместите емпатијата, а каде рамнодушноста? Сигурно ќе им спомнете: ама ќерко моја, сине мој, не се разбираш во политика. Се надевам ќе ви одговорат, за да го разбереш човековото право, хуманоста не треба да ја разбираш и политиката, и дека и онака не може ништо да направиме. Се надевам ќе ви кажат: одговорноста е колективна, ама и срамот кога истата не се презема, дека е касно и дека треба да спијат. Се надевам ќе ве прашaат – што за вас е поважно од човековиот живот? Се надевам дека ќе добиете одговор, како што ние го добивме во Собранието, истакна Мита Тасева, мајка чиј син почина во „Пулс“.
Родителите упатија забелешка и за денешната мала поддршка на „Маршот за ангелите“, нагласувајќи дека не го организираат само за починатите деца, туку тоа е аларм за институциите да не дозволат да се повтори слична трагедија за други деца.
-Ова денеска што се случи е голем срам за градот Кочани. Толку голем град, а толку малку луѓе. Алал нека им е на сите тие што не дојдоа, нека си седат дома, нека си спијат, нека одмораат, нека се ладат со климите. Ние ќе шетаме под сонцето, ќе се малтретираме, снага немаме ни да одиме, а тие ќе си седат. Ние зошто одиме, јас зошто одам? За да ги вработат некои во јавните институции. Ако сакаате да се вработени во јавните институции, џабе им е, после два месеца идат избори, ќе им ритнат клоцата, ајде со здравје, ќе ги изманипулираат како што знаат да го прават на сите избори е така, истакна Драги Стојанов, чиј син почина во „Пулс“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






