Со транспаренти со испишани барања „да престанат тортурите врз семејствата“ и „колку детски животи треба да згаснат за институциите да се разбудат“, родителите на починатите деца во пожарот во клубот „Пулс“ денеска во Кочани го организираа 17. „Марш за ангелите“.
Со свирежи и извици „Бараме правда“ учесниците на маршот го искажаа незадоволството и вознемиреноста од несоодветната реакција на надлежните институциите во спречувањето на трагедијата, а уште повеќе од одолговлекувањето на судската постапка за расчистување на случајот и санкционирање на виновниците.
Во 18:05 часот маршот тргна од Паркот на Револуцијата преку Трговскиот центар, а потоа пред зградата на Општина Кочани, во која се сместени и дел од државните инспекциски служби.

-Нека им биде јасно на сите оние кои пред избори им ветуваат дека ќе ги вработат, а нѐ напаѓаат нас, нека знаат дека ги лажат. Нека каже некој од оние што се против нас, што лошо ние сме му сториле. Не знаат која партија ќе победи, затоа што потоа клоцата ќе му ја удрат. Некогаш сме биле по турско ропство, а сега ја имаме истата тортура, дури и потешка, во турско оставале на народото да преживее, а нашите денешни арамии сѐ ни земаат. Немаме доверба во судството затоа што 35 години го средуваме и уште не е средено. На нашите политичари не им одговара да влеземе во ЕУ затоа што нема да можат да крадат, ќе бидат следени. Само нѐ лажат, те име, те презиме, ни сменија и име и знаме и се, и на крај ги убија и нашите деца, истакна Драги Стојанов, татко на син единец кој загина во „Пулс“.
-Многу брзо ветуваат, а уште побргу забораваат што ветиле. За да се сетат дека ветиле правда за нашите ангели, за нашите деца со кои сега требаше да се дружам, да муабетиме, да се радувам, а не да плачам, рече учесник на протестниот марш.
Учесниците на „Маршот за ангелите“ потоа продолжија кон Полициската станица, а попатно, пред просториите на Управата за јавни приходи, го искажаа незадоволството од несоодветната реакција во контролирањето на работата на „Пулс“ и оставија неколку транспаранти со испишани пораки.
Пред Одделението за внатрешни работи повторно реагираа на начинот на кој била контролирана безбедноста на присутните во „Пулс“’ во критичната ноќ.

-Немојте да им се заканувате на младите, тие треба да растат, да творат, а не да се плашат од вас. Вие треба да бидете огледало на државата, а не да бидете плашило на чавки што се става во бостан, беше речено на кратката пауза на маршот пред Полициската станица.
Продолжувајќи кон Основниот суд, учесниците десетина минути го блокираа кружниот тек кај Полициската станица во знак на незадоволство што полициските службеници кои го обезбедуваат маршот им дозволиле на несовесни возачи да возат во спротивен правец по улицата, со што им ја загрозиле личната безбедност
Пред Обвинителството и Судот родителите на загинатите деца ги закачија транспарентите на оградата пред влезот, со порака никој да не ги отстранува, затоа што тие се одраз на нивните болни чувства од загубата во изминатиот петмесечен период.

-Премиерот рече да напишеме цена за нашите деца , а вика дека лажеме, со што создаде омраза и гнев кон нас родителите на убиените деца. Вети дека секоја сабота ќе биде со нас на марш, која сабота дојде со нас на маршот? Пет месеци си го чекам детето дома да ми дојде, нека ми го врати детето, пари јас не сакам. Нека кажат каде се купуваат децата. Нека ја каже цената за неговите деца, тогаш нека ја одредува и цената за нашите деца. И тој чува деца дома. Нека ни ги вратат децата, ние пари не сакаме. Нѐ прашува за цена за сопственото дете, за смртта на сопственото дете. Во каква земја живееме, разбудете се, кој ја води државата? За цена прашува, на детето што ми го убија, и не само моето. Колку деца оштетија со психички трауми за цел живот, уште ли треба да оштетуваат и да убиваат? Како да ги гледаме другите деца, кажете како, каде се купуваат души, за да можеме да си купиме души, да можеме да ги чуваме другите деца, реагираа гласно мајките на загинатите во „Пулс“.
Маршот заврши на почетната точка во Паркот на Револуцијата, каде родителите рекоа дека нема да се откажат од барањето правда за своите деца и ќе продолжат со протестите и во наредниот период.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






