Основното јавно обвинителство – Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишниот М.Н. од Кочани, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство во обид.
На 13 септември, во вечерните часови, осомничениот се договорил со оштетениот 38-годишен В.А. да се најдат на паркинг просторот кај Споменикот на слободата во Кочани заради купопродажба на мобилен телефон.
-Кога се сретнале на наведеното место, осомничениот влегол во возилото на оштетениот, седнал на совозачкото место и започнал да разговара со него и да го разгледува мобилниот телефон. По кратко време, од џебот извадил нож и му задал удар во витален дел од телото во пределот на главата и вратот под брадата, нанесувајќи му отворена рана од околу 2-3 сантиметри. Ножот се скршил, а осомничениот продолжил со дршката уште неколку пати да го удира оштетениот. Нападнатиот му ја фатил раката и го спречил, по што осомничениот се извлекол од возилото и со трчање побегнал од местото на настанот, се истакнува во известувањето од Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека на 14.09.2024 г. во 06:30 часот, на граничниот премин Табановце, М.Н. бил лишен од слобода од страна на полициски службеници, кои постапиле по претходна пријава од оштетениот В.А.
Поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, но и реална закана да го повтори или да го доврши кривичното дело, по претходна постапка од Основниот суд во Кочани, јавниот обвинител поднел предлог за определување мерка притвор. Судот ја прифатил основаноста на предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.