Вкупно 30 студенти кои ги исполниле условите за добивање општинска стипендија, пропишани во Правилникот за стипендирање, ќе бидат стипендисти на Општина Кочани за студиската 2023/24 година.
Според Комисијата за доделување на студентските стипендии, на Конкурсот пристигнале 34 пријави. Од нив 12 добиле стипендија за постигнат висок успех во студирањето, 13 – според критериумите за социјално загрозени семејства и петмина студенти се од факултетите за медицински науки.
Четворица од пријавените кандидати не ги исполниле условите да добијат стипендија поради некомплетна документација, затоа што повторувале година или не студираат на државен универзитет.
Стипендиите со месечен износ од три илјади денари ќе се доделуваат за период од 10 месеци, почнувајќи од септември и заклучно со јуни за студиската 2023/24 година.
Одлуката и ранг-листата на општинските стипендисти се објавени на веб-страницата на Општина Кочани.
Против донесената одлука незадоволните кандидати имаат право на приговор во рок од пет дена од денот на добивањето на одлуката. Приговорот се поднесува до Градоначалникот на Општина Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.