30 редовни студенти од Кочани, кои се запишани на јавните високошколски установи во државата, ќе добијат стипендии од општинскиот буџет за тековната студиска година.
Во предвидениот рок на конкурсот се пријавиле вкупно 33 кандидати, при што двајца студенти ги повлекле пријавите, а еден бил запишан на приватен факултет.
Од вкупниот број кандидати кои ќе бидат стипендирани, 14 се од ранг-листата за остварен висок успех во студирањето, 11 се од социјално загрозени семејства и 5 студенти се од ранг-листата на факултетите за медицински науки.
Според критериумите што се пропишани, се планираше десет стипендии да се доделат на студенти од социјално загрозени семејства, по пет за лица од ромската етничка заедница и за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите на студентите кои постигнале висок успех во студирањето, што им носеше и најмногу бодови. Услов за добивање стипендија е кандидатот да е жител на Општина Кочани и да не прима друг вид парична помош.
По поднесените пријави, 14 стипендии се доделени на студенти на факултетите за медицина, а останатите се кандидати кои се образуваат на математичко-информациските, образовните и општествените науки.
Износот на стипендијата по студент изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплаќа за периодот од септември годинава до јуни идната година.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.