Го преживеавме првото рочиште што беше тешко, болно, товар за душите на 63 семејства и го издржавме — со надеж дека второто рочиште ќе го отвори патот кон правдата, но тоа беше одложено. Без потреба, без чувство и без ниедна мисла за нашата болка. Го дочекавме со треперење, а го испративме со тешко разочарување, рекоа родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“ на 31. „Марш за ангелите“ што денеска се одржа во Кочани.
Учесниците на Маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата и по стандардната маршрута преку Трговскиот центар, Управата за јавни приходи и Полициската станица стигнаа на кружниот тек кај двојниот мост, каде имаше десетминутна блокада на сообраќајот. Потоа колоната се упати кон Јавното обвинителство и Основниот суд каде беше упатен јавен протест поради начинот на кој тече судската постапка против обвинетите.

-До кога ќе се одложува правдата? До кога ќе се одложува вистината? До кога ќе се одложуваат нашите животи и нашите срца? По одложувањето, излеговме од судот со стегнати души. И токму тогаш видовме уште една неправда. На истиот паркинг, без никаква организација, без кордон, без минимум човечка чувствителност, нас – родителите на загинатите деца – нè ставија рамо до рамо со обвинетите. Паркирани едни до други. Лице в лице. Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубиле своите деца. Свесни сме дека секој има право на одбрана. Знаеме дека адвокатите си ја вршат својата професија. Но исто така знаеме дека дел од тие луѓе имаат свои блиски, роднини, познаници кои исто така беа во „Пулс“, кои беа повредени или, за жал, ги нема повеќе. А ние — според нив — не требало да реагираме, не требало да се побуниме, не требало да кажеме ништо. Но ние реагиравме. Како да не реагираме? Како да молчиме? Како да стоиме мирни пред луѓекои ги бранат причинителите на нашата најголема трагедија, рече Александар Наунов, чија ќерка е меѓу загинатите во „Пулс“.

Родителите нагласија дека нивниот гнев не е омраза, а реакција не е напад, туку болка што врие во секој што изгубил дете.
-Второто одложено рочиште не беше само административно одложување. Тоа беше уште еден удар врз 63 семејства. Уште една пауза што ја продлабочува нашата болка. Уште една пречка на патот кон правдата. И на крај, сакаме јасно да кажеме: го чекаме обвинителниот акт за полицајците. Го чекаме одговорот на прашањето кој и зошто не реагираше навреме? Трагедијата во „Пулс“ е синџир на пропусти – и ние бараме да се утврди одговорност за секоја алка од тој синџир, вклучително и за полициските службеници, додаде Наунов.

Од „Маршот за ангелите“ повторно беше упатена пораката дека правдата не смее да биде селективна, а дека родителите не бараат одмазда, туку држава што функционира. Затоа протестите ќе продолжат со достоинство, со сила и со истрајност. Наунов се заблагодари на сите граѓани кои им даваат поддршка затоа што тоа за родителите е поттик заедно да се изборат за правдата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






