47 православни верници скокнаа во осветените води на Кочанска Река на одбележувањето на чинот на Христовото крштевање. Најмногу среќа годинава имаше 32-годишниот Марјан Заов од Кочани кој успеа да го фати светиот богојавленски крст.
На кејот на реката, во близина на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, се собраа голем број верници за да го проследат чинот на водосветот на кој чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион, во сослужение на свештеници од кочанската парохија.
-По крстот скокам веќе шести пат, ова за мене е голем успех, нека дава Господ здравје на сите и среќа. Прв пат го фатив, а шест години скокам. Голем спомен и убаво, здравје, мир на сите нека дава Господ, рече Заов.

Благослов за момчињата кои скокаа по крстот, како и за сите присутни верници упати владиката Иларион.
-Бог се јави, нека е честит и вечен празникот, многу здравје, мир, благосостојба на сите луѓе. Овој ден е радосен ден за сите православни христијани, Бог се јавува, ја осветува природата, го дава благословот со којшто благослов Божји имаме сила да живееме радосно, спокојно, мирно. Да го славиме Бога и да го живееме царството небесно на земјата. Нека е честит и вечен празникот и уште еднаш многу здравје и благослов на сите луѓе. Бог се јави, рече владиката Иларион.

Пригодни подароци Заов доби од Македонската православна црква и од Општина Кочани.
Пред чинот на осветување на водите на Кочанска Река и потопувањето на светиот крст, во православниот храм „Свети Георгиј“ се одржа света божествена литургија на која присуствуваа поголем број верници. Потоа свештениците од храмот заедно со верниците, во свечена литија, се упатија кон локацијата каде што се одржа водосветот и празничното одбележување на Водици.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






