33-годишниот Александар Јанков од Кочани успеа меѓу триесетте пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска Река, по повод празникот Богојавление-Водици.
Досега скокал повеќе пати, а во 2006 година за прв пат го фатил крстот. Најсреќниот Јанков ќе ги посети сите семејства во градот, кои ќе го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.
-Дваeсет години скокам по светиот крст, а ова ми е втора среќа да го извадам од водата на реката, откако и во 2006 година Бог ми ја подари таа радост. Посакувам многу бериќет и здравје на сите мои роднини, пријатели и сограѓани, истакна Јанков.
Честниот крст и осветување на водата го изврши митрополитот брегалнички Иларион, заедно со свештениците од храмот „ Св. Вмч. Георгиј“ – Кочани.
-Многу здравје, радост и благосостојба на сите граѓани на Кочани, нека е честит и вечен празникот. На денешното симболично одбележување на Христовото крштевање и на осветување на водите на реката во Кочани, во овој зимски ден Господ Бог даде благопријатно, сончево и топло време за да можат многу луѓе да дојдат и да го следат овој богоугоден настан. Момчето кое го фати крстот нека биде благословено и нека Бог му дари многу здравје, среќа и успех во животот, истакна митрополитиот Иларион.
Јанков од Општина Кочани доби златник, од фармацевската компанија „Зегин“ вредносен ваучер , а од православниот храм „Св. Великомаченик Георгиј“ му доделија Свето писмо Библија.
Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч Ѓорги“ се одржа Света Божествена литургија по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот, каде се потопуваше крстот. Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот, а оние кои што ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје, по што ќе бидат вратени во црквата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.