Од почетокот на декември до средината на јануари во кочанскиот регион се евидентирани 40-тина заболени од сезонски грип и за сите е обезбедена соодветна медицинска помош.
Според податоците од Центарот за јавно здравје во Кочани, во трите општини Зрновци, Чешиново-Облешево и Кочани бројот на пациенти бил помал пред новогодишните празници, додека во последните две недели пријавени се 15, односно 13 лица со симптоми на грип.
Бројот на заболени не е конечен со оглед што дел од пациентите побарале медицинска помош во други здравствени институции или пак воопшто не се јавиле на лекар.
Од Центарот за јавно здравје информираа дека нормално се одвива вакцинацијата против грипот. На почетокот од кампањата за имунизација со бесплатната вакцина наменета за ризичните групи имаше пријавено околу 1.900 лица, а со оглед на зголемениот интерес се очекува до крајот на сезоната да се аплицираат околу 6 илјади вакцини, што е значително повеќе во според со претходната сезона кога имаше околу 3,5 илјади.
Можноста за пријавување на заинтересираните граѓани и понатаму е отворена и таа може да се оствари со електронско зaкажување, односно со регистрирање на порталот vakcinacija.mk преку системот Мој Термин.
Во Центарот за јавно здравје во Кочани располагаат со одредена залиха од вакцини, а доколку се јави зголемена потреба ќе се обезбедат и дополнителни количини.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.