Во 56. година од животот денеска почина актерот Трајче Ѓоргиев од Кочани, вработен во МНТ во Скопје.
Даде голем придонес во развојот и унапредувањето на театарот во Кочани.
За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник е на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.
Не остана само театарската сцена празна за харизматичниот и карактеристичен лик на Трајче Ѓоргиев. Остана и телевизиското и филмско платно празно. Остана неговиот глас во надсинхронизациите и неговите улоги во серии, филмови и радиодрами да сведочат за овој голем актер: „Бумбари“ (1989), „Еурека“ (1991 – 1994), „Словенски Орфеј“ (1992), „Прекалени“ (1994), „Во светот на бајките“ (1997), „Македонски народни приказни“ (1996 – 1997, 2010), „Погрешно време“ (2000 – 2001), „Чекор пред времето“ (2003), „Големата вода“ (2004), „Обични луѓе“ (2005), „Нави“ (2006) „Турни ме да кинисам“ (2011) „Тврдокорни“ (2013), „Инсајдер“ (2017) и други.
Ѓоргиев беше основач и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој годинава го имаше 16 издание, со кое ја анимираше публиката, го поддржуваше и оддржуваше овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.
Редакцијата на ТВ Канал 8 му благодари за соработката. Вечна му слава.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.