Повеќе од една година по формирањето, новото јавно општинско претпријатие „Светлина КО 2022“ од Кочани нема никакви активности. Лани во април, со одлука на Советот на Општината тоа беше основано, а во ноември беше дадена согласност инфраструктурата и опремата за јавно осветлување, што е во сопственост на Општина Кочани, да се преотстапи на новоформираниот правен субјект. Сепак, нејасно остана дали тоа воопшто функционира, со оглед што во практика не се забележува работење на терен.
Потребата од формирање на претпријатието се оправдуваше со очекувањата тоа да го преземе стопанисувањето со јавното осветлување за да обезбеди помали сметки за електрична енергија и заштеда на финансиски средства од општинскиот буџет.
На последната седница на Советот беше упатено советничко прашање што се случува со претрпијатието, односно дали тоа има директор и вработени. Краток одговор даде градоначалникот Љупчо Папазов.
-Иницијативата за формирање на ЈП „Светлина КО“ беше во периодот кога имавме енергетска криза и кога Општина Кочани добиваше високи сметки за електрична енергија. Заради тоа што немавте слух да биде формирано во вистинскиот момент, кога ќе можеше да ги имаме ефектите, функционалноста на тоа јавно претпријатие не е актуелна, ниту по завршувањето на енергетската криза, ниту сега, во моментот. Значи, го имаме формирано, не е активно, па затоа не е именуван ниту работоводен орган. Формално го чуваме за вакви нови случувања во енергетската сфера, истакна градоначалникот Папазов.
И покрај негативните ставови и сомневањата на дел од членовите на Советот на Општината дека новото јавно претпријатие ќе создава дополнителни трошоци со што ќе се намалат придобивките во однос на пониските цени на струјата – тоа беше основано.
Формирањето на ваквите правни субјекти наиде на критика од Владата, со образложение дека општините се обидуваат да ги заобиколат законските одредби и сакаат да плаќаат струја по цена по која плаќаат домаќинствата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.