Општина Кочани со поддршка од Општинската организација на Црвен крст – Кочани попладнево во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ организираше комеморативен настан „Во сеќавање…“ во чест на жртвите во клубот „Пулс“.
Скоро четири месеци по трагичниот пожар официјално им беше оддадена почит на починатите млади лица од Кочани, Оризари, Зрновци, Облешево и Чифлик, како и на возачот на Итната медицинска помош во Кочани, кој почина непосредно по извршувањето на работните обврски поврзани со трагедијата од 16 март годинава.

На настанот присуствуваа родители, роднини, пријатели и другари на починатите младинци, при што секој од нив беше поединечно претставен.
Комеморацијата се совпадна со одбележувањето на Петровден – празникот на Кочани, како незаборав за прекинатата младост во пожарот во кој животот го загубија 62 лица, а околу 200 беа повредени.

По завршувањето на комеморативниот настан, пред Центарот за култура беа пуштени 62 бели балона како симбол на прерано загубениот живот на младите ангели.

Потоа се одржа и „Маршот за ангелите“ при што учесниците ја поминаа вообичаената маршрута кон Трговскиот центар, зградата на Локалната самоуправа, потоа кон Полициската станица и Основниот суд и Јавното обвинителство.

И на овој марш родителите молчеа, немаше официјално обраќање, а пред институциите своето незадоволство од бавното постапување го искажаа со свирчиња и гласно негодување.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






