Кочани е меѓу општините кои за капитални расходи во текот на 2022 година издвоиле помалку од 100 евра по глава на жител, а за што влијание имале зголемените буџетски трошоци поради кризниот период. Иако е во првата половина на табелата меѓу осумдесетината локални самоуправи во државата, сепак издвоениот износ кај нас е многу помал од другите општини кои располагаат и со поскромни буџетски средства.
Анализата што ја направила невладината организација Центар за граѓански комункации од Скопје за сите општини во државата, покажува дека „кризите ги намалија приливите во буџетите поради значително намалената економска активност, а истовремено се зголемија потребите и цените за многу основни производи“. Притоа трошоците за енергија достигнале износи колку инвестициите во градежни објекти, односно во 2022 година сите општини потрошиле дури 74,6 % повеќе пари за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, споредено со 2021 година.
Со 3.598 денари, односно близу 59 евра по глава на жител за капитални расходи, Кочани е на 32 позиција меѓу сите општини кај кои има намалување на буџетските ставки 481 и 482 што ги опфаќаат станбените и деловни објекти, како и изградбата на улици, патишта, мостови, депонии за отпад, средства за телекомуникации и енергетика и други објекти.
Уште повпечатлива е состојбата при анализата на разликата меѓу планираните и реализираните средства од буџетска ставка 482 за други градежни објекти во 2022 година. Кочани е меѓу првите дваесетина општини кои планирале поголема, а оствариле помала реализација, односно наместо првичните над 136 милиони денари, реализирани се нешто повеќе од 100 милиони, па негативната разлика во евра е близу 590 илјади.
Според податоците што ги доставила Општината, за оваа сума нереализирани се проектите за изработка на проектна документација за мост, изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик, асфалтирање и реконструкција на улиците „Браќа Ставреви“, „Гоце Делчев“ и „Македонска“. Лани пак, трошоците од ставката 421, што главно се однесува на енергија, пораснале двојно и изнесувале над 957 илјади евра.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.