Десетина коњаници од Здружението за развој на рурален туризам „Битолска коњаница Галоп“ од Битола денеска поминаа во коњичко дефиле по улиците во централното градско подрачје на Кочани.
Манифестацијата „Патот на Илинденците“ што членовите на битолското Здружение ја организираат по повод празникот Илинден и традиционално го посетуваат Крушево, оваа година ја проширија и до Кочани во знак на почит кон настраданите во трагичниот пожар.

Коњаниците облечени во традиционална комитска облека, како и други учесници дадоа поддршка на несекојдневниот настан.
– Ова е петта година со ред, секогаш одиме од Битола до Крушево со коњите, ќе имаме јубилеен настан на оваа година. Така се случи, лоша година за нас младите кај што наши другари го дадоа животот во една многу тешка ситуација и затоа сакавме да им оддадеме почит и дојдовме до Кочани. Ќе јаваме првин во Кочани, па после одиме за Битола. Лани имавме еден, а годинава имаме двајца учесници од Кочани и се надеваме дека догодина ќе бидат уште во уште поголем број. Многу скапа инвестиција и опремата е скапа и коњите за одржувањем единствено јас имам пет коњи што ги чувам само за коњаницата, а имаме и коњи што ги изнајмуваме од други луѓе на кои мора да им платиш за да ти го дадат да јаваш. Имаме многу борци од пелагонискиот регион којшто го дале животот за Македонија и мора да им оддадеме почит на тие луѓе. Сета оваа организација што е тука е од приватни фирми кои ни даваат спонзорства, тука треба и малце државата да нѐ поткрепи и овие сите млади деца, имаме 13, 15 години, имаме девојчиња што не е баш туку така лесно да јаваат на оваа коњаница, им треба малце повеќе чистота да кажам, а ние како машки можеме да поминеме сѐ и сешто, истакна Гоце Стојчевски од „Битолска коњаница“.

Учесниците во коњичкото дефиле тргнаа од паркингот кај ресторанот „Але-Дар“, по што продолжија да се движат кон улицата „Димитар Влахов“ и продолжија во правец на кружниот тек кај двојниот мост, а оттаму по улицата „Маршал Тито“ до Општина Кочани.

Пред општинската зграда направија кратка пауза, а потоа колоната продолжи по „Кеј на Револуцијата“ кон Полициската станица, а оттаму кон Градските гробишта каде учесниците во дефилето им оддадоа почит на починатите во „Пулс“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






