Прогласување на најдобрите творби и доделување на наградите од литературно-ликовниот конкурс „Божикна магија“ и Божикен концерт на учениците од Школата за гитара организираа Домот на културата „Тошо Арсов“ и билиотеката „Ванчо Прке“ од Виница.
На конкурсот за најдобра ликовна и литературна творба, што го објавија двете институции учествуваа голем број ученици од основните и средното училиште кои беа поделени во неколку категории. Комисијата која ги разгледуваше пристигнатите творби имаше одговорна задача да се одлучи кои се најубавите три во секоја категорија и да ги награди.

-Домот на културата и Библиотеката посветено работат на поттикнувањ еи поддршка на културното и уметничко творештво кај младите, затоа што тие се носители на културните вредности и иднината на нашата заедница. Преку музиката учениците ќе ни го пренесат вистинскиот празничен дух и ќе ни подарат моменти исполнети со радост и емоција, истакна Александра Давиткова, директорка на Домот на културата.
Пред присутните на доделувањето на наградите, учениците ги прочитаа своите творби, а ликовните дела поврзани со божикното прославување беа изложени на панели. Признанија за трудот и работата со учениците добија и нивните ментори.

Вечерта продолжи со настапот на учениците од Школата за гитара, со која раководи Славко Георгиев, а кои исполнија познати новогодишни и божикни композиции.
-Учениците на овој јавен час или божикен концерт ќе ги покажат своите квалитети, перформанси, афинитети и своето време што не го загубиле, туку го искористиле овде во Домот на културата. Не само за гитара, туку за ново дружење, за социјализирање и многу позитивни работи во создавање на нивниот менталитет и карактер, истакна Георгиев.

Концертот на учениците од Школата за гитара го збогатија и членовите на Здружението на пензионери кои се претставија со староградски песни од виничкиот крај.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






