Територијалната противпожарна единица од Кочани во наредниот период ќе биде доекипирана со вработување двајца нови пожарникари, а ќе бидат ангажирани и сезонски пожарникари, за да можат да одговорат на предизвиците во текот на летната сезона.
Таква најава даде в.д. градоначалникот Венко Крстевски на свеченоста по повод одбележувањето на 20 мај – Денот на македонските пожарникари, што се одржа во кругот на противпожарната единица, а на која присуствуваа и членовите на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
-Почнавме процес на подигање на безбедноста и вложуваме во превенција, а распишан е оглас за вработување на двајца редовни пожарникари. Тие ќе бидат покриени со средства од Општината. Во следниот период планираме да вработиме сезонски пожарникари, бидејќи сведоци сме дека во текот на летниот период имаме зголемен број интервенции. На овој мал капацитет што го имаме со само 16 редовни пожарникари, што е двојно помал од законскиот минимум, сметам дека тие сезонски пожарникари ќе бидат неминовни, истакна Крстевски.
Паралелно со ангажирањето нови пожарникари, в.д. градоначалникот најави постапка за контрола на работата на ТППЕ и наплата на побарувањата за интервенциите што таа ги прави.

-Ангажиравме вешто лице за да направи вештачење за сите интервенции коишто ги има нашата противпожарна единица. Командирот достави список за интервенциите и согласно Законот за пожарникарство, со помош на тоа вешто лице ќе поднесеме барање за исплата на средства од соседните општини, кои дополнително ја оптоваруваат нашата единица. Ако тоа не биде платено ќе се оди со соодветна пријава, додаде Крстевски.
Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов изрази почит кон настраданите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, а во пресекот за бројот на интервенции, нагласи дека минатата година имало 329 излегувања на терен, при што била опожарена површина од 604,3 хектари.
-Од 1 јануари до 20 мај во општина Кочани имаме 109 интервенции, кои се на повисоко ниво во споредба со истиот период лани, во општина Чешиново-Облешево имаме 20 интервенции од кои се изгорени 16,5 хектари и во општина Зрновци имаме 5 интервенции со зафатена површина од 1,4 хектари. Исто така, забележана е испомош на Територијалната противпожарна единица во Виница за нивните потреби, истакна Апостолов.

Во рамки на свеченоста, признание за најдобар пожарникар во 2024 година од ТППЕ – Кочани доби Трифче Лефков, а од ДПД – Кочани, Даниел Јорданов.
-Ова е еден поттик да продолжиме да дејствуваме, да бидеме поддршка на Територијалната противпожарна единица, на нашите граѓани, на градот Кочани. Како до сега, така и во иднина ќе продолжиме да излегуваме на секакви интервенции и им заблагодарувам на сите колеги, и од ДПД и од нашата противпожарна единица, истакна Јорданов.
Додека траеше свеченоста, пожарникарите добија дојава за интервенција, и со две возила се упатија на терен.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






