Под мотото „Кочани ви благодари“, попладнево во Кочани се одржа пригоден настан на кој беа доделени признанија на сите институции, медицински тимови и поединци кои несебично помогнаа во спасувањето и лекувањето на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Настанот беше обоен со силни емоции и потсетување на моментите кои го обединија градот и регионот во хуманоста.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, во своето обраќање истакна дека таа кобна ноќ ќе остане вечно врежана во колективната меморија како судир со најтешките човечки страдања, дека огнот одзел многу, но не и надежта. Тој се потсети на хаосот и борбата за секој детски живот, нагласувајќи ја тежината на загубата.

-Ги видовте изгорените раце што уште се обидуваа да се фатат за животот. Ги видовте лицата на младите луѓе покриени со црн чад, болка и лелек. Ги видовте младите прекрасни тела изгорени како се борат за живот и како одеднаш тивко нѐ напуштаат. Го осетивме проклетиот мирис на изгорената човечка кожа кој никогаш нема да го заборавиме. Ги слушнавме криците, ги слушнавме трогателниот звук на сирените, оживувавме колапсни ситуации, едноставно со еден збор, повеќе од хорор. Тоа беше борба што траеше и траеше. Беше неописливо со зборови, беше хаотично. Токму во тие најтешки моменти се случи нешто што ние во Кочани никогаш нема да го заборавиме. Ние не останавме сами. Од сите страни пристигна помош. Болниците во државата и во многу други држави ги отворија своите врати. Доктори и медицински тимови се ставија на располагање без двоумени. Амбулантни возила, полициски возила, армиски возила, хеликоптери, авиони. појдоа кон непознати дестинации, носејќи ги нашите деца кон спас, кон нова надеж. Во Македонија, во соседството и низ Европа, здравствените системи, клиники, медицински тимови ја презедоа оваа битка како своја. Вие, мили мои, во тие моменти не гледавте само пациенти. Вие гледавте како на вашите деца, вие гледавте на животи што мора да се спасат. Вие ги дававте вашите животи за да ги спасите нашите деца, истакна Грозданов.

Покрај трагедијата, тој се осврна и на неверојатната солидарност што се појавила во тие моменти
-Од име на граѓаните на Кочани, од името на родителите и на семејствата, од името на младите кои денес повторно учат да живеат, Ви велиме едно големо, длабоко и искрено – Ви благодариме. Ви благодариме за вашата храброст, ви благодариме за вашата пожтртвуваност. Ви благодариме за секој час кои го поминавте покрај болничките кревети. Ви благодариме за секој спасен здив. Благодариме за секој живот што успеавте да го вратите од работ на бездната. Кочани ви благодари, додаде градоначалникот.

Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Паниќ Мирчовска, се осврна на брзата мобилизација на медицинскиот персонал и посветеноста на сите здравствени установи. Таа нагласи дека во тие моменти, приоритетот бил само еден:
-Се потрудивме да дадеме сѐ од себе, да се спаси сѐ што може. Секој живот ни беше битен, истакна Паниќ Мирчовска, заблагодарувајќи им се на колегите од цела држава и соседството. Таа опиша како болницата станала „сигурно меурче“ за повредените, каде тие се чувствувале сфатени и прифатени во својата болка. Посебно трогателен беше нејзиниот апел до младите преживеани, користејќи ја јапонската метафора за порцеланот составен со златни нишки. На крајот, таа потсети дека патот до заздравувањето на повредените е скриен зад нивната храброст.

-Вашите лузни за мене се тие конци од злато. Вие не сте нешто што го ставаме на страна, туку сте нешто поскапоцено и позначајно за сите нас. Луѓето ви ги гледаат насмевките, меѓутоа не ви ги гледаат лузните затоа што уште ги криете, рече Паниќ Мирчовска
На делегации од државите кои помогнаа во лекувањето на повредeните, на болниците од земјата и странство, на компании, противпожарни единици, поединци, граѓански здруженија и многу други субјекти кои дале придонес во справувањето со трагедијата им беа доделни признанија.

Во музичкиот дел на настанот настапија пијанистот Симон Трпчевски, оперскиот пејач Игор Дурловски и Евгенија Здравевска, позната по псевдонимот Зарина Првасевда во придружба на балетска двојка.
Свеченоста заврши со порака дека човечноста нема граници, а Кочани никогаш нема да ја заборави подадената рака во најтешките часови.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






