Интервенцијата на кочанските пожарникари во гаснењето на пожарот и спасувањето на младите лица во дискотеката „Пулс“, беше пожртвувана и храбра. Десетина дена по трагедијата и кај нив сѐ уште е присутен шокот од последиците што ги предизвика огнената стихија, иако во досегашното работење се соочувале со голем број слични предизвици.
Тројца пожарникари се здобија со изгореници и проблеми со дишните патишта, при што двајца се со полесни повреди, а поради вдишувањето отровен чад и телесни повреди командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов заврши на Клиниката за токсикологија во Скопје. Според последните информации тој закрепнува и се чувствува добро, па се очекува идната недела да биде пуштен на домашно лекување.
И покрај недоволниот број пожарникари и дотраената опрема, ТППЕ – Кочани, заедно со своите колеги од Доброволното противпожарно друштво од Кочани и од Територијалните противпожарни единици од Виница, Штип, Пробиштип и Свети Николе интервенирашe според можностите и спречи во катастрофата да има и други жртви и повредени.

Поддршка и признание за нивната пожртвуваност пожарникарите добија и од претседателката Гордана Силјановска Давкова, која денеска ја посетила ТППЕ – Кочани и упатила благодарност за дејствувањето во трагичниот настан.
За да се добие појасна слика за условите во кои работат пожарникарите, доволно е да се каже дека во ТППЕ – Кочани со години нема значителна промена во кадарот, односно има вработено 16 лица, иако според бројот на населението на територијата што ја покриваат треба да се минимум 33. Освен во општина Кочани, тие имаат обврска да интервенираат и во соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево. Блок-дотацијата што на годишно ниво ја добиваат од Министерството за внатрешни работи изнесува нешто помалку од 10,5 милиони денари, од кои треба да се покријат бруто платите и другите обврски. Дополнително учествува и Општината со свои буџетски средства.

-Со потпишување договор и утврдени цени за услугите меѓу општина Кочани и соседните две општини, тие треба финансиски да учествуваат за извршените услуги. Тој договор ниту еднаш до сега не е испочитуван и покрај укажувањата од наша страна. Практично, работиме со 45 отсто од предвидениот законски правилник за пожарникарство, односно еден човек работи за две работни места, а просечната старост на пожарникарите е 48 години. Возниот парк е стар, набавен главно од донации, а Општина Кочани одвај може да обезбеди сервисирање, а уште помалку да обезбеди ново возило, опрема и обуки, макар и преку проекти од Источниот плански регион и слично, затоа што се смета дека потребите ни се задоволени, истакнува Апостолов.

Претседателот на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, Златко Илијев оценува дека недостигот од основно познавање на населението за однесување при пожар е една од клучните причини за трагични последици.
-Противпожарниот апарат што се гледа на една од снимките со кој се гаси почетниот пожар е несоодветен, наменет е за гасење оган кај електрични уреди под напон, а не од таков вид каков што беше во „Пулс“. Ако тој апарат беше со прав, во најмала рака ќе го забавеше ширењето на пожарот и ќе им дадеше многу повеќе време за евакуација на младите. Од друга страна, присутните во дискотеката во првиот момент не ја сфаќаат сериозно опасноста и наместо да се упатуваат кон излезот, тие снимаат со мобилните телефони. Заедничко во двата момента е незнаењето и недоволната едукација, нешто што во иднина треба да се сфати многу сериозно и да се работи на тоа секој од нас да има елементарно познавање за противпожарна заштита, истакнува Илијев.

Личните трагедии по пожарот во Кочани се големи, пожарникарите исто така се соочија со загинати или повредени блиски во семејствата, а тажен е примерот на брачниот пар Антови, кој е дел од ДПД – Кочани и во катастрофата ја изгуби единствената ќерка.
Од почетокот на оваа година, па сѐ до последниот трагичен пожар, кочанските пожарникари имале вкупно 58 интервенции, од шумски, полски и пожари на објекти, како и за укажување помош во повеќе сообраќајни несреќи, во кои имаше и две жртви.
Апостолов вели дека и покрај многуте апели до земјоделците да не палат оган во полињата, досега нема никакви промени, а за што негативно влијание имаат и ниските казни од 50 евра, кои ако се платат во рок од 8 дена законски се преполовуваат.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.