Младинската екипа на ФК „Победа“’ од Прилеп е победник на 19. Меморијален фудбалски турнир “Драганица куп“ што се одржа денеска во Кочани, а чиј организатор е ФК „Осогово“.
Турнирот што се организира во спомен на Драган Михајлов, некогашниот првотимец на фудбалските клубови „Осогово“ и „Стришани“ од Кочани, ги собра младите фудбалери од три клуба од државата и еден од соседна Бугарија. Освен победничката екипа, учествуваа и младинците на „Беласица“ од Струмица и на домаќинот „Осогово“, и гостите ФК „Вихрен“ од Сандански.

Младите прилепски фудбалери во финалето беа подобри од своите врсници од тимот на “Вихрен“ и заслужено се радуваа на пехарот и на првото место.
По завршувањето на натпреварите беа прогласени најдобрите екипи и поединци, при што им беа врачени признанија и пехари.

За најдобар стрелец на турнирот со три погодока беше прогласен Крум Димчев од „Вихрен“, а признанието за најдобар голман го доби Виктор Ангелески од „Победа“, кој не прими ниту еден гол, а неговиот клупски другар Андреј Петрески го доби признанието за најдобар играч. Освен за фудбалерите, годинава благодарница им беше доделена и на судиите кои ја делеа фудбалската правда.


Организаторот на турнирот изрази задоволство од квалитетот на прикажаната игра, како потврда за оправданоста за неговото одржување, а упати благодарност и до поддржувачите кои дадоа придонес на ваков начин достоинствено да се одбележува споменот на фудбалерот Михајлов.



©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






