Пред свеченото отворање на Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас 2025“, во фоајето на Домот на културата „Тошо Арсов“ беше отворена изложбата на педесетина избрани карикатури, во рамки на овогодишниот меѓународен конкурс.
Темата на која што работеа авторите беше „Кој последен се смее…“, а на конкурсот над 550 карикатури испратија 230 карикатуристи од 46 земји во светот. Жири комисијата на Фестивалот одлучи првата награда за најдобра карикатура годинава да ја добие Олексеј Кустовски од Украина, второнаграден е Дарко Дрљевиќ од Црна Гора, а третата награда ја доби Фан Линтао од Кина.

-Во време кога светот често е сериозен, карикатурата нѐ потсетува дека смеата е најумниот начин да се каже вистината. Токму поради тоа, преку Фестивалот „Ин Виница веритас“, Виница стана име препознатливо и на меѓународната сцена. Карикатурата зборува и таму каде што зборовите замолкнуваат, таа не суди, туку потсетува, не напаѓа, туку ослободува. И можеби токму оној кој последен се смее е оној кој ја разбрал суштината на животот, истакна Благица Стојанова од Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница.

На отворањето на изложбата на карикатури присутните ги поздрави еден од основачите на Фестивалот, сатиричарот Миле Ѓорѓијоски од Делчево, кој нагласи дека родум е од Кичево, но токму поради „Ин Виница веритас“ чувствува потреба за неформално местожителство во Виница.
-Јас сум еден од тие што се осмеливме во 1993 година да го започнеме фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“. На мене сигурно не се познава дека сум толку стар, тогаш имав триесетина години кога го почнавме овој фестивал и да ми речеше некој тогаш дека по 42 години ќе бидам тука, во Виница и дека повторно ќе присуствувам на едно отворање, ќе се насмеев и ќе речев – дај Боже да се случи. Јас сум тука нон-стоп и се чувствувам како виничанец, иако живеам во Делчево, а сум од Кичево, се сменија „три држави“ – Кичево, Делчево и Виница и користам тука да ургирам барем една неважечка лична карта Виница да ми даде, да се чувствувам како виничанец, истакна Ѓорѓијоски.

На отворањето на изложбата на карикатури со музичка точка настапија и младите ученички во школата за гитара во Домот на културата „Тошо Арсов“, кои исполнија обработка на македонска традиционална песна.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






