Кога упорноста ќе се спои со талентот, а љубовта кон знаењето ќе стане начин на живот – се раѓаат приказни што инспирираат. Таква е приказната на деветодделенецот Владимир Грчев од Кочани.
Златен медал освои Грчев на 29. Jуниорска македонска математичка олимпијада (ЈММО) што викендов се одржа во просториите на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, а ја организираше Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Нашиот млад гениј повторно беше меѓу најдобрите и ги потврди своите извонредни знаења.

Освојувањето на златниот медал е уште едно признание во неговата колекција, како симбол на млад дух што не престанува да се стреми нагоре. Пред само еден месец Грчев го освои златниот медал на Македонската олимпијада по информатика, што е доказ дека неговата љубов кон науката нема граници.
Ваквите достигнувања се повеќе од личен успех – тие се огледало на иднината што доаѓа, светлина за многу млади кои бараат инспирација и гордост за Кочани. Во време кога вистинските вредности се тешко видливи, тој потсетува дека знаењето, трудот и скромноста никогаш не излегуваат од мода.
Честитки за Грчев и нека продолжи да сјае, да инспирира и да ја пишува својата приказна со златни букви. Со тоа е еден од симболите на надеж за Кочани и за Македонија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






