Независниот кандидат за градоначалник на Кочани, Зоран Тодоров поддржан од група избирачи „За живот во Кочани“ на денешната прес конеренција нагласи дека градот и општината мора да добијат системско решение за противпожарна заштита, односно систем на превенција, рано предупредување и брза реакција.
-Првата мерка што ќе ја спроведеме е проектот „Безбеден град“ кој предвидува поставување сензори против пожар и термални камери во сите јавни објекти и на клучни локации во и околу Кочани. Со овој систем, ќе имаме автоматско алармирање на противпожарните служби уште пред граѓаните да го забележат пожарот. Планираме и Регионален центар за тренинг на пожарникари, затоа што Кочани има искусни и посветени пожарникари кои заслужуваат услови за обука и развој. Сакам овој центар да стане пример за останатите општини во Македонија. Во училиштата ќе воведеме целосна заштита од пожари – од поставување сензори и хидранти, до воведување на едукативен предмет со кој децата ќе учат како правилно да реагираат во вакви ситуации, истакна Тодоров.
Во рамки на предизборното обраќање тој додаде дека ќе се прошири хидрантската мрежа, особено на места со голема фреквенција на луѓе, како што се пазарот и трговските центри.
-Планираме и набавка на дронови кои автоматски ќе го детектираат изворот на пожарот и ќе испраќаат локација до службите. Ќе го зголемиме капацитетот на Територијалната противпожарна единица, која во моментов нема доволно кадар. Ќе побараме од соседните општини да дадат по двајца пожарникари кои ќе бидат финансирани од нивните буџети, бидејќи нашата единица реагира и на нивна територија. Исто така, ќе соработуваме со сите фондови и партнери – домашни и меѓународни – за набавка на нова опрема, возила и современи технолошки решенија за подобра заштита, нагласи Тодоров.
На прес конференцијата ја нагласи улогата на пожарникарите нарекувајќи ги херои, а како иден градоначалник ќе застане зад нив и ќе обезебеди сѐ што им е потребно за да ја вршат својата работа безбедно, брзо и ефикасно.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






