Општата болница со проширена дејност почна со сеопфатна акција за уредување на болничкиот круг, активност во која се вклучени вработени во КЈП „Водовод“, а што е резултат на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу болницата и Општина Кочани.
Проектот, кој вклучува расчистување на долгогодишната запуштена вегетација, подобрување на инфраструктурата и решавање на проблемот со паркирањето, денеска го посетија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.

Директорката на болницата, Катерина Паниќ Мирчовска, истакна дека ова е почеток на една поширока акција за „пролетно чистење“ која нема да запре само на дворот.
-Отпочнуваме со активности за хортикултурно уредување и расчистување на дворот којшто одамна не е расчистуван, повеќе години наназад. Целта е уредување на асфалтните површини и добивање на повеќе паркинг места, изјави Паниќ Мирчовска. Таа додаде дека во зависност од етапите на работа, граѓаните и другите здравствени установи ќе бидат соодветно известувани за сообраќајниот режим за да се избегне хаос во возилата.
Градоначалникот Владко Грозданов најави силна офанзива за подобрување на пристапот до самата установа, нагласувајќи дека изгледот на болницата е одраз на самиот град.
-Сакаме да го олесниме движењето на пациентите и вработените, како и да обезбедиме побрз и побезбеден пристап. По комплетирање на техничката документација, ќе следи демонтирање на модуларната болница, со што ќе добиеме значителен број паркинг места, истакна Грозданов. Тој исто така истакна дека се работи на проект за поставување урбана опрема-платформа за дополнителен паркинг простор, како и на подобрување на јавното осветлување во целиот круг.

Министерот за здравство, Азир Алиу, изрази задоволство од „домаќинскиот пристап“ и соработката помеѓу локалната власт и менаџментот на болницата.
-Инфраструктурата во здравството не е само внатрешниот дел, туку и надворешниот пристап. Првото нешто што им треба на пациентите е паркинг место за да не трошат време и енергија барајќи каде да го остават возилото, изјави министерот Алиу. Тој потенцираше дека инфраструктурата е еден од трите главни столба на министерството за враќање на довербата на граѓаните во здравствениот систем.

Според проценките на локалните власти, работните активности во дворот на Болницата треба да завршат за околу еден месец, кога просторот ќе добие целосно нов и уреден лик.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






