Новиот градоначалник Јорданчо Костадинов и членовите на Советот на Општина Чешиново-Облешево официјално ги добија мандатите за работа во наредните четири години.
На мала свеченост што се одржа во општинските простории каде што Советот ги одржува своите седници, претседателката на Општинската изборна комисија, Ивана Минова Богданова им честиташе на изборот и им порача работата што поефикасно во исполнувањето на проектите што се од интерес на граѓаните.

Новиот градоначалник Костадинов се заблагодари за изборот и рече дека ќе се залага за што подобра соработка со целиот Совет. Потоа имаше кратка средба и примопредавање на функцијата со неговиот претходник Далибор Ангелов.

-Се надевам дека ќе успееме да ја подигнеме општината, како поттик понатаму да стигнеме до успех и иднина за нашите генерации, кои ќе кажуваат дека овде биле градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ коишто направиле развој на општината. Секако дека нема да го заборавиме претходниот мандат и дека ќе го претставуваме како успешен, затоа што како што велат – за да порасне едно дрво, мора да има корен, некој да го посади, а понатаму сите други да го одгледуваат, да го наводнуваат, за да роди плодови, истакна новиот градоначалник Костадинов.
Во Советот на општина Чешиново Облешево има вкупно 11 советници, кои по добивањето на уверенијата ќе треба да ја одржат конститутивната седница на која ќе се изберат претседателот и членовите на комисиите.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






