Во ниту една од четирите општини во микрорегионот не беше избран градоначалник во првиот круг, поради што гласачите ќе мораат повторно да излезат на гласање по две недели.
Во Кочани во вториот круг изборот ќе биде меѓу Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ и досегашниот в.д. градоначалник Венко Крстевски, кој беше поддржан од група избирачи. Според податоците од Државната изборна комисија Грозданов освои 39,79 отсто од гласовите, односно за него гласале 5.641 граѓани, додека Крстевски има 23,94 отсто, односно 3.394 гласа. Зад нив, со освоени 17,24 отсто или 2.444 гласови се наоѓа кандидатот на СДСМ, Игор Христов.

За градоначалник на Општина Виница во вториот круг гласање влегуваат Митко Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 49,78 отсто или 4.015 гласа и Гоце Милевски од СДСМ со 40,58 отсто, односно 3.273 гласови. Во Советот на Општината пак, најмногу членови, вкупно 9, ќе има ВМРО-ДПМНЕ со што обезбедува мнозинство. Коалицијата предводена од СДСМ ќе има 6 советници.

Во вториот круг за избор на градоначалник во Општина Чешиново-Облешево гласачите ќе можат да гласаат за Јорданчо Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг доби 45,06 отсто или 1.358 гласови и за Горанчо Крстев од СДСМ, за кого гласаа 1.331 или 44,16 отсто од граѓаните. Составот на Советот на Општината и овде ќе биде поразновиден, односно ВМРО-ДПМНЕ ќе има 5 советници, СДСМ – 3, додека по еден советник ќе имаат коалицијата „Искуство за успех“ предводена од ЛДП, потоа ВМРО –Народна партија и независниот Грозде Митров.

Втор круг гласање ќе има и во Општина Зрновци, а гласачите ќе можат да избираат меѓу досегашниот градоначалник Борчо Крстев од ВМРО-ДПМНЕ, кој доби 644 или 48,71 отсто од гласовите и Ванчо Митев од СДСМ, за кого гласаа 588, односно 44,48 отсто од граѓаните. Во Советот на Општина Зрновци пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 4 советници, СДСМ – 3, а 2 советника ќе бидат од МААК.
Вториот круг за избор на градоначалници ќе се одржи на 2 ноември.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






