Фудбалерите на ГФК „Осогово“ ги почнаа физичките и тактички подготовки пред почетокот на пролетниот дел во првенството на Втората фудбалска лига.
На првата прозивка, што на стадионот „Никола Мантов“ ја направи шефот на стручниот штаб Крсте Крстев, дојдоа дваесетина играчи, од кои најголем дел настапуваа и во есенската сезона. Екипата се засилува со двајца фудбалери во нападот и во средниот ред.

-Јас сум Филип Димовски, доаѓам од Прилеп, од прилепска „Победа“. Денеска почнувам прв тренинг, почнуваме подготовки со ГФК „Осогово“, очекувам успешна сезона, како на тимски, така и на личен план и да имаме на успешна заедничка сезона за градот Кочани, за сите навивачи и за кочанската публика. Јас сум напаѓач.

-Јас сум Алпај Јусуф, доаѓам од „Феризај Тeфик Чанга“ од Косово, чест ми е да да бидам тука и ќе давам сѐ од себе за да ги постигнеме амбициите на клубот оваа сезона. Јас сум играч за врска назад, а до сега ја сум играл во повеќе екипи како „Пелистер“, „Силекс“ и други екипи.

Пролетната сезона во Втората лига ќе почне нешто порано од вообичаеното, односно на 21 февруари.

Подготовките целосно ќе се одвиваат на стадионот во Кочани, а екипата ќе одигра и неколку пријателски контролни натпревари. За в сабота, 24 јануари на „Никола Мантов“ е закажана средба со „Детонит Плачковица“ од Радовиш, а четири дена подоцна во Скопје ќе се одигра натпревар со ФК „Аеродром“. До првото пролетно коло планирани се и и средби со „Беласица“, скопски „Вардар“ и „Вардар“ од Неготино кои ќе се играат на теренот во Кочани.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






