Во Зрновци денеска беше поставен камен темелник на Дом за згрижување стари лица како приватна инвестиција на компанијата „Еко пак хит“ од Кочани.

Бруто површината на која ќе се гради објектот е 1.770 метри квадратни, а ќе располага со 64 легла. Во присуство на жителите од општината и други гости, чинот на осветување на темелите на Домот го изврши владиката Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво.
На свеченоста по повод почетокот на градежните активности присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, при што честиташе за активностите што се реализираат во Зрновци.

-Се потрудивме и како Влада и градоначалникот, како Општина Зрновци, да сториме сѐ што е во наша моќ и во наши ингеренции да помогнеме тој процес да се забрза и денес да се радуваме на овој преубав ден, раѓањето на Пресвета Богородица да се создаде едно раѓање на еден нов објект којшто ќе значи долг живот за сите оние коишто ќе ги користат услугите на овој објект. Честитки и благодарност до инвеститорот што одлучи дел од своите средства да ги инвестира во Општина Зрновци, истакна премиерот Мицкоски.

Градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев нагласи дека изградбата на Домот за стари лица ќе значи сигурност, достоинствен живот и квалитетни услови за повозрасните сограѓани.
-Напредокот на Општина Зрновци е резултат на континуирани вложувања, визија и тимска работа. Нашата заложба беше јасна – да создадеме општина која чекори напред, да обезбедиме квалитетна инфраструктура и современи услови за живот и работа. Урбанизмот останува главен сегмент за развој на Локалната самоуправа. Во изминатите години посветено и континуирано работевме во овој сегмент се со цел создавање услови за вложување на приватниот сектор и привлекување на инвестиции, како и формирање на градежни парцели за изградба на функционални објекти и се она што ќе ја прави нашата општина поурбана, модерна и удобна за живеење. Сето тоа е темел врз кој денес се појавуваат и вакви проекти од приватниот сектор, истакна Коцев.

Проектот на објектот во кој ќе се згрижуваат стари лица во Зрновци е на архитектонското студио „Суперблок“ од Скопје, а според предвидувањата објектот треба да биде комплетиран за околу две години.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.