Кандидатите за градоначалници на општините во државата повеќе од една недела интензивно ја водат кампањата за локалните избори и ги претставуваат своите заложби за подобрување на животот на граѓаните, но досега никој гласно и отворено не проговори за унапредувањето на противпожарната заштита.
Превенцијата, интервенциите и заштитата од пожари и други елементарни непогоди се во надлежност на локалните самоуправи. Со оглед на изгубените човечки животи, повредените лица и големата материјална штета кај шумите, објектите и земјоделските површини претседателот на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, Златко Илијев упатува прашање зошто на оваа проблематика не ѝ се посветува соодветното внимание.

-По почетокот на изборната кампања слушаме многу за паркови, езера, зеленило и инфраструктура. Но, ниту еден кандидат не спомнува нешто за заштита и превенција од пожари и останати елементарни непогоди. Дали навистина сметате дека овие проекти се одржливи без соодветна противпожарна заштита? Дали сметате дека една од само 14 републички сили – ТППЕ Кочани треба да продолжи да работи со половичен капацитет, со застарена опрема и возен парк? Дали едно од најактивните локални здруженија – ДПД Кочани треба да зависи од донации наместо од системска поддршка? Заштитата од пожари и елементарни непогоди не е трошок – тоа е инвестиција во безбедноста, здравјето и иднината на нашата заедница, истакнува Илијев.
Доброволното противпожарно друштво од Кочани е меѓу подобро опремените во државата и располага со шест моторни возила за интервенција. Сепак, најстарото возило е произведено во 1984, а најновото во 2024 година, при што просечната старост на сите возила е 29 години.

Слична е состојбата и во професионалната Територијална противпожарна единица – Кочани, каде се вработени 16 пожарникари, а законскиот минимум пропишува да бидат двојно повеќе. Ниту староста на возниот парк не е во подобра состојба, иако последното возило за интервенции беше добиено пред три години како донација од Дирекцијата за заштита и спасување.
Покрај територијата на Кочани, Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво според законските одредби ги покриваат и општините Зрновци и Чешиново-Облешево, каде во просек имаат околу половина од интервенциите во текот на годината, но од буџетите на овие локални самоуправи не добиваат финансиска поддршка.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






