Зголемен број телефонски и интернет измами заради остварување незаконска финансиска добивка или друг вид корист од повозрасните граѓани регистрираат надлежните полициски служби. Тоа беше повод Здружението на пензионери од Кочани, во соработка со Отсекот за превенција при СВР Штип, да организира едукативна работилница за своите членови на која инспекторот Влатко Гигов ги информираше за најчестите злоупотреби.
Недоволното познавање на современата компјутерска техника, лажното претставување при телефонски повик или на начинот на заштита при употребата на т.н. паметни мобилни телефони се главните причини поради кои пензионерите наседнуваат на измамите и губат финансиски средства.

Регистрирани се зачестени телефонски повици во кои измамникот бара пари за да посредува при итна медицинска интервенција за близок во семејството на измамениот, а имало и случаи кога повозрасни граѓани барале помош од непознати лица во близина на банкомати за да им помогнат да извадат пари во готово.
-Пензионерка наша се пожали дека ѝ се јавиле на телефон и била преплашена затоа што ѝ било кажано дека нејзината ќерка е повредена и барале пари, но во меѓувреме дошол нејзиниот сопруг кој стапил во контакт со ќерката која кажала дека нема ништо, не е повредена и дека некој сака да ги измами. Соработката со МВР ја имаме и на локално ниво и на републичко ниво, во зависност од претставките што ги прават наши сограѓани, за насилници кои им се закануваат, ги пријавуваат во Полиција и тие преземаат активности. Мислам дека овие работилници се полезни и треба почесто да држат предавања и обуки инспекторите од МВР за нашите граѓани да бидат послободни, особено по она што се случи на 16 март, сите се преплашени од многу фактори и треба да се врати довербата во институциите, особено во МВР, истакна Јелица Зафирова, претседателка на Здружениеот на пензионери – Кочани.

Едукативната работилница беше интерактивна, при што присутните пензионери изнесоа свои искуства при обиди да бидат измамени, најчесто преку лажни наградни игри и лажно рекламирање на познати фирми на социјалните мрежи на интернет.
Исто така, пензионерите побараа и зајакнување на полициската позорникарска служба заради зголемена безбедност во локалната средина.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






