Учениците и нивните наставници од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани организираа Еко модна ревија по повод 5 Јуни – Светскиот ден за заштита на животната средина.
Модните креации изработени од рециклирани материјали беа претставени во училишниот хол, а се одржа и пригодна музичка програма. Жири комисија од наставниците во училиштето ги оценуваше сите креации кои влегоа во конкуренција за награди.

-Учествуваа скоро сите ученици од второ до петто одделение, а со тоа ја завршуваме и учебната година во која ја прикажуваме нивната креативност. Учениците многу се радуваа на овој настан, беа многу инспирирани и навистина, со помош на наставниците и родителите, прикажаа прекрасни модели изработени од употребен материјал. Можеа да се видат и модели од нивните баби, од тетки кои со креативноста добија нов шарм, нов изглед и навистина изгледаа прекрасно. Моравме да формираме и жири комисија затоа што сакавме на најдобрите да им оддадеме признание и таа имаше многу тешка работа при оценувањето. Трите најдобри добија награда, а на сите учесници, на сите кои се потрудија навистина добро да изгледаат, ќе добијат пофалници, истакна Љубица Теодосиева, наставничка во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Организирањето на Еко модната ревија е дел од еколошките иницијативи што со години се спроведуваат во „Св. Кирил и Методиј“ со кои меѓу најмладите се промовира одговорниот однос кон природата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






