Завршени се градежните работи за реконструкција и адаптација на просторот за физикална медицина во Општата болница со проширена дејност во Кочани, а во наредниот период вниманието ќе биде насочено кон инсталирање на потребната опрема. Целта е просторот што поскоро да се стави во функција со приоритет за третман на повредените во трагичниот пожар во март годинава, но и за останатите пациенти.
Увид во текот на работите денеска направи директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој најави дека е зголемен буџетот за Болницата во Кочани за да се справи со наследените финансиски проблеми, одобрени се средства за вработување на 20 лица како медицински персонал, како и за набавка на опремата за физикалната терапија и доопремување на останатите болнички одделенија.

-Одобривме, што не е од корист само за повредените, туку за сите граѓани на Кочани, набавка на дигитален рентген кој ќе биде спроведен доста брзо. Исто така бевме тука да го видиме напредокот на реконструкцијата на физикалната терапија, на новиот простор за физикална терапија, каде што градежно-занаетчиските работи се завршени, во моментот се чисти просторот и многу наскоро ќе почне опремување на просторот, така што ќе има сите можни услови за повредените, а секако и за граѓаните од Кочани. Ние ќе продолжиме понатаму да работиме на обезбедување средства за централно снабдување со кислород на хируршките сали и со тоа би го заокружиле она што го правиме за Општата болница и повредените во оваа година, истакна директорот Клековски.

Директорката на Општата болница, Катерина Мирчовска додаде дека со опремувањето на одделот на физикална медицина ќе се добијат современи услови за третман на повредените, а имало и други активности за подобрување на условите во здравствената установа.

-Имавме непредвидени дополнителни градежни активности, се направи комплетна промена на вертикалата на канализациската и водоводната мрежа на одделенијата за хирургија и гинекологија, и пред приемна амбуланта, со комплет реновирање на тоалетите. Дополнително, во фаза на набавка е дигитален рентген апарат којшто ќе служи за целокупното население, бидејќи Општата болница во Кочани го покрива источниот регион. Понатаму, планирано е со помош на општествено одговорни компании да се направи првпат во Болницата централен довод за кислород со вакуум и компресорска станица којшто ќе биде комплет во интензивните, полуинтензивните неги, итната медицинска помош, хируршките сали, ќе бидат покриени со довод на кислород. Тоа е еден крупен проект којшто се планира, понатака дополнително значи ќе се набавува електрокаутер за потребите на хируршките операциони сали и како што претходно, минатата недела веќе беше пренесено и во медиумите, во соработка и со „Цептер“ го има биоптронот на извор на ладно светло кој што се користи на пациентот којшто е со отворени рани каде што имаме позитивни резултати за да може побрзо да се процесот на регенерација на кожата, истакна директорката Мирчовска.

Во наредниот период во Општата болница повторно ќе се реализираат пулмолошките прегледи, како и комплетните ПРП процедури коишто претходно се правеа во соработка со специјалистите од Пластична хирургија од Скопје.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






