Здружението „16 март 2025 Кочани“ ја доби писмената одлука од Општина Кочани со која се доделува простор во Стар парк за уредување на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“ посветено на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“.
Се работи за простор со вкупна површина од 1.035 квадратни метри што е дел од катастарската парцела 12179, која се наоѓа меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“. Според одлуката, се дефинира изведување на спомен-обележје кое треба да има максимална висина до 3 метри, а што претходно не било предвидено според урбанистичко-планската документација.

Со добивањето на одлуката Здружението може да ја почне процедурата за изградба и уредување на просторот, а со оглед на целта за која ќе биде наменет, не е потребно одобрение за градба.
-Ова за нас претставува голем и значаен чекор напред. Во наредниот период продолжуваме со обезбедување на останатите потребни документи, како и со финансиска поддршка од фирми и од физички лица, но и преку спортски и хуманитарни настани кои веќе се одржаа, како и оние кои во иднина ќе се одржуваат со исклучиво хуманитарна цел. Изразуваме огромна благодарност до Советот на Општина Кочани, како и до граѓаните на Општина Кочани, за нивната максимална поддршка, солидарност и човечност во овие тешки моменти. Се надеваме и веруваме дека „Патеката на бесконечноста“ ќе биде изградена во најкраток можен рок, како траен спомен, тивка болка и вечно сеќавање на оние кои прерано нè напуштија, истакнаа од Здружението „16 март 2025 Кочани“ .

Во првата фаза ќе биде поднесено барање до Министерството за култура кое треба да го изготви идејното решение. Тоа треба да биде базирано на веќе предложениот изглед за обележјето во форма на симболот за бесконечност, со поплочени патеки, осветлување, клупи, фонтана и статуа на Богородица. При тоа ќе има нешто помал број камени плочи во однос на првичниот предлог, на кои ќе бидат врежани имињата на 63-те загинати во трагедијата.
Од Владата беше ветено дека ќе обезбеди 2 милиона денари за реализација на проектот, а дополнителни средства се собираат и преку организирање спортски, културни и друг вид хуманитарни манифестации.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






