Едногласно, со 19 гласа „за“, Советот на Општина Кочани на денешната 9. седница даде поддршка на предлог-одлуката за изградба и уредување на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“, што како иницијатива ја поднесе Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Членовите на Советот го прифатија и заклучокот од седницата на Комисијата за комунални работи, планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина и природата на која советникот Сашко Иванов предложи да се формира работна група која ќе ја следи имплементацијата на проектот и за тоа ќе ги информира јавноста и Советот.
Во работната група влегуваат градоначалникот и по еден претставник од Советот на Општината, од Здружението кое го предлага спомен-обележјето, од општинската адмнинистрација и надворешен член кој е стручен во оваа област.

-Идејата е да се помогне во реализацијата при изведбата на ова спомен-обележје, да се има транспарентност при имплементацијата и да се направи еден вид партнерство помеѓу сите чинители, каде не смее да се згреши ниту во квалитетот на изведбата, ниту со роковите, ниту со динамиката на активностите, како и за брзо решавање на секој технички, финансиски или каков било проблем што евентуално би се појавил во иднина, истакна Иванов во образложението за својот предлог.
Членовите на Советот го овластија градоначалникот да го формира работното тело, а целта е тоа што побрзо да профункционира со оглед на краткиот рок за едногодишното одбележување и давање почит на жртвите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“.

Советничката Александра Соколова нагласи дека изградбата на спомен-обележјето претставува чин на сеќавање, почит и одговорност, а за семејствата на загинатите тоа нема да биде само симбол, туку и место каде болката ќе добие тишина, а љубовта трајност.
-Предлагам во самата одлука и во заклучокот од оваа точка да се прецизира индикативен рок во кој ќе биде завршена реализацијата, односно рок во кој ќе се отпочне и комплетира изведбата, во согласност со законските процедури. Овој предлог не е со цел да се создаде притисок, туку да се обезбеди јавност и сериозност во постапката, имајќи ја предвид чувствителноста и значењето на ова спомен-обележје, како за нас семејствата, така и за сите граѓани во овој град, истакна Соколова.
На седницата на Советот на Општината, на која предлог-одлуката за изградба на спомен-обележјето беше прва точка од дневниот ред, присуствуваа и членови на семејствата на настраданите во трагичниот пожар.
Спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ треба да се изгради и уреди во Стариот парк во централнотот градско подрачје, на просторот меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






