Во ЦК „Бели мугри“ во Кочани вечерва беше отворена ликовната изложба „Исток се сретнува со Запад 2″ во рамки на циклусот „East meets West”, а чија цел е зближување на германските и македонските уметнички и поттикнување соработка и културна поврзаност.
На отворањето на изложбата, авторката на проектот, којшто доживува второ продолжение, Ирена Паскали нагласи дека ова истовремено е можност за славење и преиспитување на сличностите и разликите во уметничкото изразување на уметничките од двете држави.

-Мојата мисија преку овој циклус изложби е да изградиме мостови помеѓу двете култури и да промовираме размена на идеи, инспирации и уметнички техники. Креативното здружување создава уникатен простор каде што уметниците ги спојуваат западните и источните влијанија, оформувајќи возбудлив и иновативен свет на уметност. Уметноста е универзален дијалог што не познава граници и има моќ да ги поврзува луѓето преку географските и културните бариери, истакна Паскали.
Меѓу гостите на отворањето на изложбата беше и амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер која изрази задоволство што токму во Кочани преку уметноста се приредува вакво естетичко уживање, кое е задоволство и инспирација за проширување на хоризонтите.

-Уметноста може да помогне да се обработат емоциите, да даде нова перспектива, да понуди утеха и одново да нѐ врати во живот. Вие овде поминавте многу тежок период, и уште го минувате, ние отстрана можеме да видиме само некои секвенци, но сакам да укажам дека постојат врски што длабоко нѐ поврзувале и понатаму ќе нѐ поврзуваат, истакна амбасадорката Дрекслер.
На изложбата во Кочани се претставени дел од ликовните креации на Марија Мицова Гацова – „Мемориски (кон)текст“, потоа Александра Димитрова со делото „Отисоци“, ,како и Ирена Паскали, преку фотографии од проектот „Мираз“. Од германска страна изложени се дела на Асуман Хасичогулу, преку традиционалната ебру техника и инсталацијата „Water Lives”, потоа портрети на жени што лежат во вода од Кристине Хац, како и Розвита Рибе Бајх, која комбинира истурено кафе и молив во своите цртежи.

Ликовната изложба „Исток се сретнува со Запад 2″ е дел од годишната програма за работа на ЦК „Бели мугри“ за 2025 година, што е поддржана од Министерството за култура.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






