Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани и годинава е организатор на натпреварот во планинско трчање Гратче треил 2025.

Во тек е пријавувањето на заинтересираните учесници што трае до 20 октомври и се одвива преку веб страницата osogovo.trki.mk, а котизацијата за учество е 800 денари. Секој учесник добива стартен број, финишер медал, производи од спонзори, освежителни станици, храна, ранец, и чорапи.
-Трката ќе се одржи в недела на 26 октомври, регистрирањето на учесниците и подигнување на стартните броеви е до 9:30, а почетокот на трката е прeдвиден во 10 часот. Оваа година патеката е изменета во однос на лани, но вклучува дел што се трча околу езерото Гратче. Стартот е од Спортско рекреативниот центар Бавчалук, се трча кон водопадот на Голема Река, но се минува под селото Црвена Нива . На самиот водопад ќе има станица за закрепнување и освежување. Потоа патеката оди кон местото Мактеон во Горно Гратче и следува спуст што минува по круната на езерото Гратче, каде има втора станица за освежување, а потоа се трча по земјена патека од десна страна по течението на реката, сѐ до финишот, информираше Гоце Тошев од КПС „Осоговски орел“.

Должината на патеката е околу 19 километри со висинска разлика од 850 метри и таа ќе биде целосно маркирана.
Целта на настанот е поголема промоција на овој вид спорт во државата, како и промоција на природните предности на акумулацијата Гратче кај Кочани, како одлично место за планински спортови.
За најдобрите натпреварувачи во машка и женска конкуренција се обебзедени признанија и награди.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.